Јотова не била информирана за доаѓањето на Михаилова, подготвенa e да се сретне со неа


Бугарската претседателка Илијана Јотова ќе го чека заклучокот на лекарите од болницата „Пирогов“ за здравствената состојба на 23-годишната Ива Махаилова која замина од Македонија и покрај тоа што во земјата и се одземени личните документи и и се суди во Кочани поради сообраќајка со смртни последици.

Јотова, одговарајќи на новинарски прашања по учеството на меѓународна конференција, вели дека дознала за враќањето на Ива Михаилова во Бугарија утрово и оти нема информации за околностите под кои ја напуштила Северна Македонија.

„Разбрав дека таа веќе е во Бугарија откако излегов од телевизиско студио на БТВ. Претпоставувам дека сега ќе биде прегледана во Пирогов, бидејќи за време на конференцијата дознав дека претстои таков преглед. Ќе почекаме да видиме каков е заклучокот на бугарските специјалисти. За жал, во овој момент не можам да дадам повеќе информации“, одговори Јотова.

На прашањето дали знае како Михаилова ја напуштила Северна Македонија и каква реакција очекува од властите во Скопјe, Јотова одговори дека сè уште има прашања што треба да се разјаснат.

„Ќе видиме. Сè уште има многу нејасни околности. Мислам дека надлежните органи во Бугарија прво треба да дадат изјава“, кажа шефицата на државата.

Јотова изрази подготвеност лично да се сретне со Михаилова што е можно поскоро, доколку нејзиното здравје го дозволи тоа. На прашањето дали нејзиното враќање би можело да претставува безбедносен ризик, Јотова рече дека не гледа таква опасност.

„Нема начин безбедноста да биде загрозена. Прашањето сега е да се види каква е нејзината состојба и да се преземат итни мерки на кои инсистираме толку месеци – не само тука во Бугарија, туку и пред сите меѓународни институции“, вели Јотова.

Веста дека Ива Михаилова, жителка на Кочани со македонско и со бугарско државјанство, ја преминала македонско-бугарската граница во придружба на адвокатот Николај Димитров од Бугарија утринава ја објави бугарската БТВ. Во изјава за медиумот, Михаилова вели дека поради влошената здравствена состојба во која се наоѓа, одлучила да се врати во Бугарија. Таа  била на стоп-листата на МВР.

Повикувајќи се на информации од заедничкиот контант-центар, од МВР соопштија дека ниту македонската ниту бугарската гранична полиција не евидентирале излез од Македонија односно нејзин влез во Бугарија. Таа, пак, во изјава за бугарските медиуми денеска кажа дека нема ништо нелегално во преминување на македонско-бугарската граница. Рече дека тоа го сторила со своите лични документи.

Од Јавното обвинителство денеска информираа дека двата пасоша на Ива Михаилова – и македонскиот и бугарскиот – ѝ биле одземени уште во октомври минатата година, кога учествуваше во сообраќајната несреќа со смртни последици за која ѝ се суди во Кочани. Оттогаш, Обвинителството во повеќе наврати дало негативно мислење за враќањето на пасошите поради ризикот од бегство.