Јотова беше првиот бугарски државник кој ја посети бугарската заедница во Албанија веднаш по нејзиното официјално признавање во 2017 година.За време на посетата во Тирана ќе биде промовирана книгата на Спас Ташев „Бугарите во Албанија“.

Во Голо Брдо, во селото Големо Острени, Јотова ќе се сретне со претставници на бугарското национално малцинство, а во Елбасан бугарската потпретседателка ќе ја отвори новата учебна година во бугарско неделно училиште, соопшти прес-службата на бугарското претседателство.

Во Тирана планирани се средби со претседателот Бајрам Бегаи, со вицепремиерката и министерка за инфраструктура и енергетика Белинда Балуку, со претседателката на Собранието Линдита Никола, со министерот за внатрешни работи Таулант Бала. Јотова ќе разговара со ректорот на Универзитетот во Тирана, проф. Артан Хоџа, каде се изучува бугарскиот јазик.Во делегацијата, предводена од потпретседателката на Бугарија се и професори од бугарските универзитети и од Бугарската академија на науките, јавија бугарските медиуми. 

– Најавата за отворање на училишта на бугарски јазик не е ништо друго туку само продолжение на активностите на бугарските власти за асимилација на нас Македонците во Голо Брдо. Добив покана од администратотот на Острени, Луан Мјештри да учествувам на отворањето на некакво училиште во Острени, но одбив. Што барам јас на место каде ми се оспорува идентитетот – вели

Едмонд Османи, потпретрседател на МАЕИ и администратор на административна единица Требиште.

Тој нагласува дека постојано областа во која живее ја посетуваат бугарски претставници како од бугарската амбасада, така и од  владата.

 
– За жал во континуитет нашата област ја посетуваат бугарски претставници како од амбасадата, така и од владата, даваат пасоши за кои наплатуваат по пет илјади евра, тоа е нивната „грижа“ за непостечкото бугарско малцинство. Со векови зборуваме, пееме и плачеме на македонски и сега некој сака, користејќи ја сиромаштијата да не направи она што не сме. И порано и сега едно им порачувам – дека ниту сме биле ниту ќе бидеме Бугари. Ние сме Македонци и така и ќе останеме – истакна Османи.