Јордан и Велика Британија против анкесија на Газа и Западниот Брег од Трамп и Израел


Јорданскиот крал Абдула Втори денеска го отфрли секој обид за преземање контрола врз палестинските територии и раселување на неговите жители, по предлогот на американскиот претседател Доналд Трамп САД да ја преземат контролата врз Појасот Газа.

За време на средбата со палестинскиот претседател Махмуд Абас, кралот на Јордан ја истакна потребата да се запрат активностите за населување и да се отфрли секој обид за анексија на земјата и раселување на Палестинците од Газа и Западниот Брег, се наведува во соопштението на Кралската палата.

И британскиот премиер Кир Стармер денеска изјави дека Палестинците треба да бидат во можност да се вратат во своите домови и повторно да го изградат Појасот Газа, кој е во урнатини по 15-месечната војна меѓу израелските сили и палестинското движење Хамас.

„Тие (Палестинците) мора да бидат во можност да се вратат во своите домови, да ги обноват, а ние мора да бидеме со нив во таа обнова, на патот кон решение за две држави (Израел и Палестина)“, рече Стармер одговарајќи на прашање во Парламентот во врска со планот на американскиот претседател да го расели Појасот Газа и да го претвори во територија под управа на САД.

Британскиот министер за надворешни работи Дејвид Лами изјави претходно дека Палестинците треба да имаат можност „да живеат и да напредуваат на своите територии, во Појасот Газа и на Западниот Брег“.

„Сите ние треба да обезбедиме иднина за Палестинците, на нивните територии“, рече Лами, додавајќи дека Трамп е во право само кога вели дека Појасот Газа е во урнатини.

„Влегуваме во нов свет. Многу работи што ги сметавме за нормални ќе се променат или веќе се промениле. Политиката на моќ сега го доведува во прашање системот заснован на правила“, ги оцени претседателот на Финска Александар Стуб идеите на Трамп.

Американскиот претседател вчера објави план за преземање контрола врз Појасот Газа, откако во Белата куќа го прими израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

Трамп повтори дека жителите на Газа може да се преселат во Јордан или Египет, и покрај противењето на тие земји и самите Палестинци. 

Американскиот претседател вчера објави план за преземање контрола врз Појасот Газа, откако во Белата куќа го прими израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

Трамп повтори дека жителите на Газа можат да се преселат во Јордан или Египет, и покрај претходното противење од тие земји и самите Палестинци.