Тошко Јорданов: Петков е брутален лажго кој се „заљуби“ во власта


Асен Василев не е толку брутален лажго како Кирил Петков. Василев не е добар министер за финансии, но барем си стои на зборот. Ова на БТВ го изјави претседателот на пратеничката група на Има таков народ, Тошко Јорданов.  Тој го оцени како вулгарно однесувањето на владејачката партија Продолжуваме со промената, која не отиде на денешните консултации со шефот на државата.

„Секако дека утре ќе одиме на консултации. Ова е нормална процедура. Досега никој во нашата понова историја не си дозволил да не оди. Никој не дозволил вакво вулгарно однесување“, рече Јорданов, осврнувајќи се на тоа што го направила партијата на Петков. Според Јорданов, сѐ помалку е веројатно дека ќе се формира работна коалиција во овој парламент и причина за тоа е однесувањето на ПП.

„Гледајќи го однесувањето на ПП, се помалку е веројатно да има влада“, рече тој, нагласувајќи дека е време да се стави крај на „апсурдните шпекулации“ дека ќе има коалиција или влада во која ИТН ќе соработува со ГЕРБ, ДПС и Преродба. 

Тошко Јорданов сподели дека има страшен впечаток за Кирил Петков, кој за само 6 месеци „се заљубил во власта“. Тој исто така негираше дека Слави Трифонов го контролирал преку телефон.

„Многу пати претседателот на Народното собрание се нашол во понижувачка позиција да чека Лена Бориславова да го повика и да му каже што да прави“, рече Јорданов, мислејќи на соборениот прв човек на Собранието, Никола Минчев.