Јордан Поп Јорданов обележа цела епоха во македонската наука


 

Македонската академија на науките и уметностите утре треба да одржи комеморативна седница по повод смртта на еден од нејзините најистакнати членови, поранешен нејзин претседател и научник од светски глас – Јордан Поп Јорданов.

Нуклеарниот физичар Поп Јорданов, кој прво дипломираше филозофија во Скопје (1956), а потоа електротехника во Белград (1960) почина на 98 години.

Неговите сфери на истражување беа неверојатно широки: физика на неутрони и реакторска физика, енергетика и обновливи извори, фотоволтаичен ефект, расејување честички, состојба на природната околина и климатските промени, организација на науката, когнитивните процеси од филозофски и феноменолошки аспект, здравствени ризици од електроцентрали, моделирање на процесите на мозочните клетки и уште многу други работи.

Главните научни придонеси на Јордан По Јорданов се однесуваат на нуклеарна техника („метод на Поп-Јорданов“ во реакторска неутроника); електроенергетика (мултидимензионална интерпретација на околински ризици); одржлив развој (негентропски концепт и ментални индикатори); невронаука (квантни ментални спектри) и филозофија на природните науки (интерпретација на микрочестичен дуализам).
Беше претседател на Научниот совет на Институтот за нуклеарни науки во Винча (1969–1970) во време кога тој институт беше најафирмиран научен центар во Југоисточна Европа, како и декан на Електротехничкиот факултет во Белград (1977–1979). За дописен член на МАНУ е избран на Првото редовно изборно собрание во 1969 година, а за редовен член во 1974 година. Во два мандата беше претседател на МАНУ (1984–1991). Од 1993 раководи со Истражувачкиот центар за енергетика, информатика и материјали при МАНУ, кој се разви во меѓународно афирмиран „центар на одличност“.
Реализирал голем број проекти, од кои над дваесет имале меѓународен карактер. На редовни и постдипломски студии на Електротехничкиот факултет во Белград држеше настава по атомска и статистичка физика, енергетска микрофизика и квантна електродинамика. На истиот факултет основаше и постдипломска насока за сончева енергија, прва во Југославија од оваа проблематика. Предавал и на постдипломски студии на Природно-математичкиот и Филозофскиот факултет и во Центарот за мултидисциплинарни студии на Белградскиот универзитет, како и на Електротехничкиот факултет во Скопје.

Објави околу триста научни труда, од кои две третини во меѓународни списанија и монографии. Неговите резултати се користени во многу странски статии, монографии и докторски дисертации. Добитник е на повеќе награди.

Беше партински борец и учесник во НОБ, за што е носител на Партизанска споменица 1941. Се занимаваше и со спорт. Беше и прв шампион на Македонија во тенис (1950 година).