Јон Вардар повторно во Бразил


После Јужноамериканската премиера на Јон Вардар против Галаксијата на еден од најголемите филмски фестивали во Латинска Америка, престижниот Мостра до Сао Паоло, првиот македонски долгометражен анимиран филм повторно патува за Бразил.

Овојпат, Јон Вардар ќе биде прикажан во „бразилското Сен Тропе“ на 6. декември, на 14тото издание на меѓународниот филмски фестивал Балнеарио Камбориу.

Режисерот Цветановски изјави дека поканата за учество ја добил од директорот на фестивалот веднаш после проекцијата во Сао Паоло.

„Се‘ уште сум воодушевен од реакцијата на бразилската публика. После првата проекција се сликав со група весели ученици со кои разговаравме за филмот,  а потоа следеше и интервјуто за бразилскиот сервис на ‘Си-ен-ен’. Драго ми е што филмот наиде на интерес во Бразил и повторно ќе биде прикажан таму“, изјави Цветановски.

Ова е четврта фестивалска презентација на Јон Вардар против Галаксијата, а Цветановски најави возбудливи новости во текот на 2025.