Јолевски: Треба уште време за да се видат резултати од работата на ОЈО ГОКК


Работата на обвинителството и особено на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција е клучна во борбата против корупцијата (ОЈО ГОКК) и сметам дека тоа обвинителство ќе треба сега малку повеќе и поинтензивно да работи, изјави денеска претседателот на Совет на јавни обвинители Антонио Јолевски, одговарајќи на новинарски прашања за критиките од странство за борбата против корупција, пред почетокот на завршната конференција за „Стратегијата за реформа на правосудниот сектор (2017 – 2022): Достигнувања, научени лекции и препораки“, во организација на Блупринг групата.

Според Јолевски, резултатите ќе се видат кога ќе почне да се отвораат предмети, нагласувајќи дека тоа е подолг процес и не може веднаш да се видат резултатите.

– Треба да се започнат постапките и треба да се отворат предмети онаму каде што е очигледно, онаму каде што веќе има индиции да ги проверат сите тие наводи и не ни треба нас само од странство да ни кажат, ние самите знаеме за многу места, ги слушаме и од вас медиумите и сметам дека тоа обвинителство ќе треба сега малку повеќе кога има веќе и шеф тоа обвинителство да започне поинтензивно да работи на тие предмети, изјави Јолевски.

Борбата против криминалот и корупцијата, посочи, е работа на сите обвинителства, меѓутоа организираниот криминал е исклучиво во надлежност на тоа обвинителство, додека останатите обвинителства во рамките на своите надлежности ќе треба на локално ниво да ги расчистат оние работи кои тие ги имаат во своите средини.

– Ние не зборуваме за одделни случаи. Во оваа држава ние зборуваме дека постои организиран криминал на повисоко ниво, односно на сите нивоа и затоа секој во рамките на своите надлежности би требало да започнат борбата со корупцијата и со криминалот, изјави Јолевски.

Прашан што досега е направено, тој кажа дека и досега имало и се работело на такви предмети, но проблемот е колку од нив јавноста ги дознала и колку треба обвинителството да се отвори во делот на транспарентност за да објасни по кои предмети и каде учествувало.

– Сметам дека треба и обвинителството малку да поработи на транспарентност за да се запознае јавноста дека не е ова проблем само сега, туку и дека порано се работело на такви предмети, изјави Јолевски.

Перцепцијата на јавноста и странскиот фактор, според него, делумно е и заради затвореноста, посочувајќи дека сепак, јавноста не знае и за она што работи обвинителството.

-Голем дел од постапките се и во почеток тајни, не се знаат сите податоци и не е ни во интерес на истрагата да се објавуваат сите податоци, меѓутоа сметам дека обвинителството треба во понатамошниот тек на постапката кога ќе ги процесуира да биде поотворено и да ги известува јавноста и останатите за да знаат до која фаза се стигнати со постапките, изјави Јолевски.

Обвинителствата, посочи Јолевски, работат со една третина помалку од потребниот број од 244 обвинители, односно дека во овој момент недостигаат 82 обвинители.

Тој оцени исто така дека треба да се измени организационата поставеност на судовите и обвинителствата, со што точно ќе се знае колку кадри има и колку ќе бидат потребни. Со тоа, според Јолевски, ќе се избегне да имаме како сега судови во подрачја со шест-седум илјади жители, каде нема предмети и нема никаков интерес, а од друга страна има судови кои се преоптоварени.

Во однос на забелешките од скрининг процесот во Брисел за работата на Советот на јавни обвинители, Јолевски рече дека се однесува на транспарентноста и делот на изборот и унапредувањето на јавните обвинители.

– Се бара од нас да има образложеност на одлуките во делот на изборот и на разрешувањето. Забелешките за изборот и унапредувањето беа зошто не се дебатира, па ние во новата Стратегија треба тоа да го подобриме. Можеби би требало да размислиме за давање на некакво образложение во самата одлука, за да можат самите кандидати да утврдат и се уверат дека изборот бил непристрасен и според мерит систем. Во овие два правци беа забелешките во Брисел, изјави Јолевски.