Јолевски: Ако има услови за избор, Советот ќе одржи седница за избор на јавни обвинители во среда


Советот на јавни обвинители планира да одржи седница за избор на јавни обвинители во среда, ако има услови да се направи избор, изјави денеска претседателот на Совет на јавни обвинители Антонио Јолевски, коментирајќи го недостигот на јавни обвинители во ОЈО Скопје.

Огласот за избор на петмина јавни обвинители бил распишан во ноември минатата година и изборот требало да се изврши до 31 јануари. На огласот се пријавиле десет кандидати од кои петмина се истите обвинителки на кои им истече мандатот и уште пет други кандидати, меѓутоа поради несоодветното оценување Советот на ЈО побарал повторно оценување кое било доставено во четвртокот, а рокот за приговори завршува денеска.

– Ние мора да чекаме до утре, да не има евентуално преку пошта некои приговори. Досега имаме добиено два преговора и веднаш за понеделник закажав седница, иако по закон Советот треба да одлучува во рок од 30 дена. Планираме во среда веќе, ако има услови да одржиме и седница за избор на јавни обвинител, изјави Јолевски.

Во однос на изјавата на шефицата на ОЈО за гонење на организиран криминал Вилма Русковска дека „Советот го оставил ОЈО Скопје со пет обвинители“, Јолевски посочи дека неизборот не бил по вина на Советот и оти тие чекале оценување.

– Еден од условите за избор на кандидатите е да имаат позитивна оценка. Но, во секој случај позитивна или негативна ние мора да ја добиеме во вид на оценка од страна на надлежните обвинители, кои го вршат оценувањето. Од ОЈО добивме оцени кои не одговараа ниту по образаец, ниту по бодови. Заради тоа моравме да го вратиме назад тој дел на оценување уште во јануари, да се изврши оценување според важечките обрасци кои се објавени и кои се донесени од Јавниот обвинител на РСМ, изјави Јолевски.

Откако оценките беа доставени, Јолевски посочи дека утврдиле како за сите имало ист коментар од обвинителите, а сите имаат различни бодови.

– Откако дојдоа приговорите, бидејќи четири од обвинителите имаа изјавено приговор, овој Совет утврди дека се основани и ги врати онака како што е предвидено во Законот на повторно оценување, наложувајќи на Основната обвинителка да се придржува до обрасците и притоа да наведе точно зошто кај одредени обвинители се намалува бројот на бодови. Дали тоа е заради нестручно постапување по одреден предмет или за неетичко однесување, како што бара образецот во делот на оценувањето, изјави Јолевски.

Советот на јавни обвинители, Јолевски посочи дека има ограничени надлежности и не може самостојно да ги води постапките за разрешување.

– Многу често се коментира како Советот не сака да разрешува или нема волја, меѓутоа разрешување да, но по претходно спроведена постапка од дисциплинска комисија. За да стаса до таква постапка треба да поднесе или Виш обвинител или Јавен обвинител на РСМ, изјави Јолевски.

Во однос на недостигот на јавни обвинители, Јолевски рече дека во одредени обвинителства нема интерес кај кандидатите во Академијата за судии и јавни обвинители и оти тука треба да има законска измена.

– На сите навистина интересот им е во Скопје. Никој не сака, еве на пример во Берово имаме само еден обвинител, во Крива Паланка веќе седум години нема обвинител и одат од Куманово. Сега и во Делчево ќе нама и се наоѓаме во ситуација во одредена ситуација да останат без обвинители, изјави Јолевски.

Според Јолевски, моментално недостигаат околу 60  јавни обвинители, а изборот мора да се врши преку Академијата за судии и јавни обвинители.