Јоана и Родригез очекуваат принова: Ќерката на Кили се омажи во Еквадор


Помладата ќерка на актерот Кирил Поп Христов, Јоана Деан Поп Христова, ја пронајде својата љубов во Еквадор. Актерот заедно со својата сопруга, кореографката Гордана Деан Поп Христова, и нивната помлада ќерка Јоана пред околу пет години се отселија од Македонија и својата среќа ја најдоа во Еквадор.

Јоана (25) и нејзиното момче Родригез си го кажаа судбоносното „да“, а убавата вест прва на социјалните мрежи ја објави мајката Гордана.
„Се мажи нашето бебе и ќе има бебе“, напиша кратко Гордана под фотографиите од венчавката.
Кратко потоа на Фејсбук се огласи и актерот кој напиша дека е пресреќен за венчавката на својата ќерка.


„Ете, го доживеав и тоа. Совршено сум пресреќен зашто им ја гледам љубовта како дури и прекипува. Колку е тоа прекрасно кога сакаш, знаеш да сакаш и сакаш да сакаш. бебето ќе биде маестрален производ на тоа силно сакање“, напиша Кили.
Првпат откако се отселија во Еквадор, Кили се врати во 2017 година, точно пред Новата година. Тогаш „Независен весник“ имаше можност да направи и интервју со актерот за тоа како се чувствува и како живее во Еквадор.
„Тоа што си го сонувала во најубавите соништа, тоа ми се случува мене таму. Отсекогаш сум сакал да бидам меѓу две палми на лежалка и сè да ми биде на дофат на рака, тоа сега го имам. Конкретно, мислам на лето, на гол и бос 365 дена годишно, на стабилна економска политика на земјата, на 700 вида овошје за кои три животи да живеам нема да стигнам сите да ги пробам. Ништо не ми недостига, имам само плус и благосостојба. Таму креирам, имам инструменти, таму имам своја банда со која се дружам, со Еквадорци, Колумбијци, Аргентинци, Венецуелци, Перуанци, Чилеанци… луѓе и свет што е целосно различен од тука. Таму никому не му гајле дали имаш автомобил или не, дали имаш пари или не. Тоа е топлокрвен народ без две лица, само едно лице – или те сака или не. Ако те сака, тогаш ти ја отвора душата и целосно ти ја дава со чисти мисли, а не како тука за дружење од интерес. Таму не постои престиж, не постои тоа како изгледаш ти и што носиш, не постојат таквите животни релации, нема такви мерила“, ни раскажа тогаш Кили.