Јиржи Менцел: Чешкиот режисер и оскаровец почина на 82 години


Чешка-Познатиот чешки филмски и театарски режисер, оскаровецот Јиржи Менцел почина на 82-годишна возраст, објави неговата сопруга Олга на својата фејсбук-страница. Ретко е виден во јавноста по операцијата на мозокот пред три години.

Менцел се прослави со својот прв игран филм „Строго контролирани возови“ од 1966 година, за кој освои Оскар во категоријата најдобар странски филм.

Неговата популарна комедија „Моето слатко мало село“ беше номинирана за Оскар во 1986 година, а многу други негови филмови станаа класици за чешките гледачи и режисери.

Како и другите режисери од неговата генерација, Менцел имаше проблеми со комунистичките власти.

Поради провокативноста на неговата сатира „Чучулига на жица“, снимена во 1969 година, беше забранета до 1990 година и беше прикажана дури по падот на Берлинскиот ѕид.

Неговите други познати филмови се „Злосторство во женското училиште“ (1965), „Каприциозно лето“ (1968) и „Му служев на англискиот крал“ (2006).