Јелен: Го намаливме ризикот од дополнителни банкротства и загуби


Американскиот банкарски систем се стабилизира по силните активности на регулаторот, но американската влада би можела дополнително да ги поддржи депозитите во помалите банки доколку е потребно, се вели во ставот на американската министерка за финансии Џенет Јелен.

Во подготвените белешки за состанокот на Американското здружение на банкари, видени од Ројтерс, Јелен рече дека владата презела мерки за заштита на неосигурените депозити во две пропаднати банки и за создавање нови извори на ликвидност. Со ова ФЕД „покажа решителна посветеност за преземање на неопходните чекори за безбедноста на штедачите и банкарскиот систем“.

Повеќе од една недела откако Федералната корпорација за осигурување на депозити (FDIC) ги затвори Silicon Valley Bank (SVB) и Signature Bank, Јелен исто така рече дека „одлучните и силни“ акции ја зајакнале довербата на јавноста во американскиот банкарски систем.

„Чекорите што ги презедовме не беа насочени кон помагање на одредени банки или класи на банки. Нашата интервенција беше неопходна за да го заштитиме поширокиот американски банкарски систем. И слични дејствија би можеле да бидат оправдани доколку помалите институции страдаат поради депозити кои претставуваат ризик од неликвидност“, рече Јелен.

Таа смета дека активностите на ФДИЦ, ФЕД и Министерството за финансии го намалиле ризикот од натамошни неуспеси на банките, што би наметнало загуби на Фондот за осигурување на депозити. Некои банкарски групи повикаа на привремени универзални гаранции за сите депозити во банките во САД, процедура која ќе бара одобрување од Конгресот.