Jazz Extravaganza – концерт на Емин, Шарески, Јосифовски и Петров


Четворицата музичари, композитори и долгогодишни пријатели, Џијан Емин, Георги Шарески, Оливер Јосифовски и Александар Петров утревечер во 21 часот во Јавна соба ќе го промовираат авторскиот проект Jazz Extravaganza. 

-Jazz Extravaganza е простор во кој авторската музика добива нов живот преку импровизацијата. Композициите се почетна точка, но не и конечна дестинација, велат организаторите на концертот.

Според Емин, нотниот запис е „мапа“, но вистинската авантура почнува кога музичарите ќе одлучат да скршнат од неа.

-Не се плашиме од грешката, повеќе се плашиме од совршено отсвирена музика во која ништо не се случило. За мене Jazz Extravaganza е токму тоа – четири различни личности кои не се обидуваат да станат една, туку создаваат нешто петто, истакнува Емин, опишувајќи ја филозофијата зад Jazz Extravaganza.

Публиката, додава Емин, нема да биде само набљудувач, туку ќе стане дел од процесот – од атмосферата, од енергијата и од моментот во кој музиката се создава пред неа.

За Шарески, ова повторно обединување е многу повеќе од музичка соработка.

-Ние не сме само соработници, туку сме браќа во музиката и надвор од неа. Добро се познаваме и со тоа можеме да си дозволиме да ризикуваме. Токму таа слобода, доверба и синхронизација го прават секое наше свирење поинакво, нагласува Шарески