„Јазичен мозаик“ – нов лингвистички труд на Васил Дрвошанов

„Јазичен мозаик“ е насловен новиот лингвистички труд на Васил Дрвошанов, заедничко издание на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ и на Книгоиздателството „Бата прес милениум“.

Публикацијата содржи 43 написи распоредени во шест поглавја, поврзани со различни прашања од областа на македонската наука за јазикот, објавувани во периодиката во изминатите четириесетина години.

– Заеднички именител на сите прилози е истоветниот поглед на авторот за македонскиот јазик со погледите на Крсте Мисирков и на Блаже Конески. Делото „Јазичен мозаик“ го потврдува фактот оти македонскиот јазик и дијалектите што припаѓаат на македонскиот јазичен систем се реалност и лингвистичка посебност, независно од желбите на некои фанатизирани елементи кај нас и во соседството, посочува авторот Дрвошанов.