Јазбец: Словенија силно ја поддржува вашата земја за да добие зелено светло за почеток на преговорите со ЕУ


Словенечкиот амбасадор во нашата земја Милан Јазбец денеска изјави дека Словенија силно ја поддржува Република Северна Македонија за да добие зелено светло за почеток на преговорите со ЕУ.

– Две недели пред состанокот на Советот на ЕУ, мора да кажам дека Словенија силно ја поддржува вашата земја, Република Северна Македонија, за да добие зелено светло за почеток на преговорите со ЕУ. Овој проект е меѓу најважните пред сите нас и немам никакви сомнежи дека за две недели ќе го добиете зеленото светло за да ги почнете преговорите, рече Јазбец, кој присуствуваше на почетокот на академската година на Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје.

Амбасадорот Јазбец истакна дека на само една недела пред Советот, премиерот на Словенија Марјан Шарец ќе ја посети вашата земја за, како што рече, да прати силен сигнал на сите во Европа за словенечката поддршка на вашата земја, која заслужува да ги почне преговорите повеќе од кога и да е досега.

– Ова е мошне важно и се разбира дека ќе продолжиме со огромната поддршка. И понатаму ќе ви стојат на располагање нашите искуства, знаење и стручност во врска со овој процес што бара многу од земјата, но е важен, бидејќи 28 земји членки на ЕУ поминале низ истиот процес и вродил со добри резултати за нас и за нашиот стандард, рече Јазбец.