Јавното претпријатие за патишта ќе ја урива дивоградбата кај „Мавровка“


Премиерот Зоран Заев, на својот Фејсбук профил извести дека Владата донесла одлука Јавното претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта треба да обезбеди механизација и работници и да ја урне дивоградбата кај „Мавровка“, а за тоа Општина Чаир нема да плати.
– Владата на Република Северна Македонија на својата прва седница одржана денеска донесе одлука да му препорача на Управниот одбор на Јавно претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта да донесе одлука за ангажирање на потребна механизација, средства за работа и вработени, за уривање и демонтирање на бесправно изграден градежен објект што се наоѓа пред ТЦ Мавровка, без надоместок кон Општина Чаир, односно од сопствени средства.
Во рамките на оваа одлука Владата им препорачува на Општина Чаир и Јавно претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта да ги регулираат меѓусебните права и обврски да склучат Договор за отстранување на бесправно изграден градежен објект, делови од објекти и бесправно поставени објекти.

По исполнување на обврските од договорот, Општина Чаир и Јавно претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патиша, во рок од 7 дена, се задолжени да подготват и до Владата на Република Северна Македонија да достават соодветна Информација за извршување на обврските од одлуката – стои на статусот на Заев.

https://www.facebook.com/zaevzoran/posts/10158992083842932