Јавните претпријатија во Битола во големи загуби, за директорите причината е во зголемените плати

Вкупната загуба на пет јавни претпријатија е 150 милиони денари. Советот на Битола ќе расправа за разрешување на управните и надзорните органи


 

БИТОЛА – Дел од јавните претпријатија во Битола се во загуба во вкупен износ од 150 милиони денари. Тоа е загубата за „Водовод“, „Комуналец“, „Нискоградба“, „Пазари“ и „Паркинзи“ од Битола.

На седницата на Советот на Битола СДСМ побара разрешување на управните органи во јавните претпријатија, мнозинство ја прифати точката, допрва ќе следи исходот. 

„Како да ја дефинираме состојбата, како колапс, банкрот, стечај? Но мислам дека мора да го фатиме последниот воз. Ние како Совет треба да изгласаме разрешување на управните и надзорните одбори на јавните претпријатија. Не е момент за политичка пресметка, ако некој се нафатил да менаџира не смее да се дозволи простор за алиби политика“, рече Петар Николовски, координатор на советничката група на СДСМ. 

Градоначалникот Тони Коњановски на денешната седница на Советот рече дека во периодот 2021 – 2025, работењето на јавните претпријатија е со значително зголемен обем, со видливи проекти, намален број на вработени и без нови кредитни задолжувања.

„Деновиве, од страна на некои политички субјекти, популарно е да се зборува дека ‘Битола е во стечај’, ставајќи акцент на финансиските извештаи на ЈП. Но, тука сум да ве уверам дека: Битола е во вистински инфраструктурен раст, за што потврда се бројните инфраструктурни, капитални и други проекти, во чија реализација се вклучени токму нашите ЈП. Претпријатијата немаат непродуктивни трошоци, имаат значително намалување на трошоците за репрезентација и зголемување на трошоците за плати за вработените, а притоа цените на услугите за граѓаните остануваат непроменети, кај некои претпријатија, веќе 30 години,“ рече меѓудругото Коњановски.

Битолски „Водовод“ е во бруто загуба од 61 милион денари. Од претпријатието велат дека тоа се должи пред сѐ на лошите временски услови, големиот сушен период што доведе до зголемување на трошоците за набавка на сурова вода за 144 проценти.

„Следствено на ова зголемени се трошоците и за електрична енергија за 103 проценти во споредба со 2023 година. Сумата за потрошена сурова вода изнесува 50 милиони денари. Сумата за потрошена електрична енергија 42 милиони денари, суми без ДДВ, а влијание врз негативниот резултат има и сумата за зголемените плати“, рече Димитар Спасевски од ЈКП „Водовод“. Во ова претпријатие работат 199 вработени, односно намален е број на вработени во споредба со 2023 година.

Спасевски рече дека побарале од Советот зголемување на цената на водата, но не добиле позитивен одговор, а планот се однесувал за периодот од 2024 -2026 година.

Кај „Комуналец“ загубата е 59 милиони денари.

Директорот на „Комуналец“ Битола, Горан Степановски рече дека работат со 266 вработени, а наплатата за комуналии од физички и правни лица е над 80 проценти.

„Во текот на 2024 година она што нѐ измести од редовното работење беше зголемувањето на платите во март и септември. Кредитот кој го наследивме од минатото раководство е платен и ослободени сме од хипотека. Имавме и тужби за бенефициран стаж од минати раководства, сѐ е затворено“, изјави Степановски и додаде дека Регулаторна комисија ќе треба да ја регулира цената за комуналии која не е променета од 1998 година, потврдена во 2002 година.

„Нискоградба“ Битола изминатата година ја заврши со загуба од 21 милион денари. Претпријатието потврди дека има намалена работа во споредба со 2023 година во делот на проекти.

„Со текот на годините ‘Нискоградба’ е доведена до ситуација да се намалува нејзиниот капацитет на можности и се фокусира на изградба на канализациски мрежи. Со застарувањето на многу машини и нивното отуѓување во изминатиот период имаме намален капацитет… Загубата се должи на зголемените плати во износ од 13 милиони денари, дел и на цените на услугите кои не се зголемени“, рече Зоран Талевски, директор на „Нискоградба“, Битола.  

ЈП „Пазари“ Битола брои загуба од 2,8 милиони денари, а од претпријатието велат дека стагнира ситуацијата со закуп на тезги на Градскиот пазар и се помала количина на земјоделски производи поради нелојалната конкуренција, а намалени се приходите и од Сточниот пазар.

„Главна причина е зголемувањето на платите и трошоците за вработените“, рече Драги Џаревски, директор на „Пазари“, каде има 40 вработени. Во ова претпријатие има 59 договори за телефонски линии, па актуелниот директор рече дека ова било наследена ситуација од директорот пред него.

Во ЈП „Паркинзи“ загубата е 3,2 милиони денари, што исто така се должи на растот на платите иако бројот на вработени од претходниот период е намален за пет извршители, како и на поставувањето на топловодот во зонско паркирање или затворени паркиралишта.