Јавните пари се трошат без контроли


Најавите дека до крајот на неделата ќе биде избран новиот главен државен ревизор нема да се остварат. Партиите и натаму не можат да дојдат до компромисно име, а за тоа време Државниот завод за ревизија (ДЗР) е целосно закочен. Ревизорите не можат да излезат во контрола на државните институции, не можат да ги извршат основните задачи, ниту, пак да земат плата. Мандатите и на главниот ревизор и на вршителот на должноста се одамна изминати, а власта и опозицијата се надмудруваат во Собранието, поради што е закочен целиот систем.

Работата е заглавена во парламентарната Комисија за избори и именувања, во која членуваат 13 пратеници, од кои шест на власта, шест на опозицијата и Фадил Зендели од Беса, партија што во последно време е поблиска до ВМРО-ДПМНЕ. Членовите не успеваат да усогласат решение за нов главен државен ревизор бидејќи изборот на опозицијата би поминал во комисијата, но не и при гласањето во парламентот, односно изборот на власта би ги добил потребните гласови на пленарната седница, но не може да стигне до таму, бидејќи ќе добие „стоп“ во матичното парламентарно тело.

Потпретседателот на СДСМ, Мухамед Зекири, кој е дел од комисијата, уверува дека во скоро време ќе се најде решение за ова горливо прашање.

Опозицијата сака да протурка нивен фаворит, но тоа нема да го дозволиме. Од друга страна, нѐ кочат нас, но правиме обиди со Беса да договориме решение што ќе биде во заеднички интерес и на тој начин да го откочиме процесот“, тврди Зеќири за „Независен весник“.

Но, пратеникот на Беса, Зендели, не гледа од каде толкав оптимизам кај Зеќири.

СДСМ, ДУИ и ВМРО имаат 12 пратеника во комисијата, а јас сум сам. Не знам зошто мислат дека јас сум клучниот. Кога Беса имаше свои предлози за други позиции, во комисијата бевме одбивани. Сега не ми е јасно зошто треба да го поддржам СДСМ? Кои се интересите на мојата партија? Нека се договорат останатите 12 членови, тогаш со задоволство ќе го поддржам нивниот предлог“, ни изјави Зендели.

Претседателот на комисијата, Илија Димовски, тврди дека течат меѓупартиските консултации и доколку сѐ оди во најдобар ред, во следните денови ќе биде предложен главен државен ревизор.

Консултациите се во тек, верувам дека сите разбираат колку е важно да најдеме заедничко прифатливо решение, очекувам за некој ден да се затвори ова прашање“, вели Димовски.

Додека партиите преговараат, вработените во Државниот завод за ревизија дишат на жабри. Тие испратија писмо до десетина државни и меѓународни институции во кое апелираат да им се реши проблемот.

Без да навлегуваме во причините што доведоа ДЗР да се најде во ваква состојба и со оглед на тоа што оваа институција треба да остане надвор од политиката и партиските договарања, укажуваме дека повеќегодишното одлагање на избор за главен државен ревизор ќе има последици на реализацијата на годинешната програма, на подготовка на извештај по направените ревизии и тие што се во тек, не ќе можеме да се најавиме и да вршиме нови ревизии, не ќе можеме да ја подготвиме програмата за наредната година,да плаќаме режиски кирии и други сметки по основ на јавни набавки, не можеме да добиеме плата, не можеме да помогнеме во реализацијата на предвремните парламентарни избори и на крајот, ќе добиеме негативна оценка во делот на нашето функционирање од Европската комисија“, предупредуваат вработените.

Тие алармираат дека со континуираното одлагање на изборот на главен државен ревизор институцијата се соочува со комплетна блокада што ќе доведе до немање контрола врз трошењето на јавните пари.

Мандатот на последната главна државна ревизорка Тања Таневска истече во декември 2017 година. Таа беше на функцијата десет години, односно беше избрана во 2007 година, кога тогашната парламентарна опозиција негодуваше дека не била соодветна за функцијата. До 4 октомври годинава, нејзиното место го пополнуваше в.д. директорот Насер Адеми, но истече и неговиот деветгодишен мандат како заменик.

Пред неколку месеци беше распишан оглас за државен ревизор на кој не се појавија попознати имиња, освен можеби Ване Цветанов, кого Владата го именуваше за претседател на Совет за унапредување и надзор на ревизијата.

Последните објавени ревизии за регуларност во работењето на државните институции објавени на интернет-страницата на ДЗР се од крајот на август годинава и се однесуваат на Собранието, односно на кампањата за референдумот за името, кој се одржа минатата година ова време. Во тој период е објавен и извештај за финансиското работење на Агенцијата за супервизија на осигурувањето во 2018 година, а во јуни завршила ревизијата на државниот буџет за минатата година.

ДЗР е регулаторно тело кое ги контролира и мониторира буџетските трошење и работата на државните и јавни институции, како и финансиското работење на партиите и на единиците на локална самоуправа. Државниот завод за ревизија неодамна најави контрола на обвинителствата, меѓу кои и на згаснатото СЈО. Тие не можат да се реализираат без да биде назначен главен ревизор.

Горан Адамовски