Јавните финансии се стабилни и Буџетот е ликвиден: Интервју со министерката Димитриеска-Кочоска
Со дел од она што се задолживме и се раздолживме, 500-те милиони евра од билатералниот заем не влијаат на зголемување на јавниот долг, вели министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска

Не се поминати ниту два месеци од новата 2025 година, а на економски план имаше повеќе случувања, како дома, така и на глобално ниво, кои навестуваат бурен период. На домашен план „падна“ законот за солидарен данок, цените никако да се смират, синдикатите притискаат за зголемување на платите… На глобален план е уште понеизвесно – најавените царини од страна на новата американска администрација ќе ја погодат и македонската економија, нашите главни трговски партнери се соочуваат со големи предизвици, што може да го погоди извозот од земјава… Како во вакви околности функционира Министерството за финансии и каква е „крвната слика“ на Буџетот и на јавните финансии, дали ќе се зголемат платите… се дел од прашањата на кои за „Независен“ одговори министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска. Исто така и за трошењето на парите од унгарскиот кредит, дали ќе има даночни измени, зошто Македонија со години не може да го подобри кредитниот рејтинг…
Министерке Димитриеска-Кочоска, Министерството за финансии има клучна улога во обезбедувањето средства за финансирање на потребите на државата, но и за одржување на стабилноста на јавните финансии. Што покажуваат податоците за Буџетот на почетокот на оваа година во која треба да се приберат 5,8 милијарди, а да се потрошат рекордни 6,5 милијарди евра?
Имаме стабилна состојба на јавните финансии и Буџетот е ликвиден. Она што претставуваше притисок во јануари беше отплатата на Еврообврзницата издадена во 2018 година, a за којашто ги обезбедивме средствата за отплата преку билатералниот заем и таа активност е веќе заокружена. Така што, со средствата менаџираме на најоптимален начин и се сервисираат обврските редовно и навремено. Со Буџетот за 2025 година, кој беше усвоен во Собранието, е предвиден раст на приходите од 12,8% коишто се темелат пред се на подобрување на ефикасноста во јавните приходи, а преку модернизација и оптимизација на системот на наплата, како и системски мерки кон намалување на даночната евазија, формализација на неформалната економија и дигитализација на даночните процеси, во таа насока се започна постапка на воведување на е-фактура.
Кредитот од унгарската Експорт-импорт банка наменет за компаниите се очекуваше да стане ефективен уште кон крајот на минатата година. Зошто дојде до толкаво пролонгирање?
Процедурите за средствата да пристигнат до компаниите се веќе во завршна фаза. Договорите за задолжување меѓу Министерството за финансии и Развојната банка се потпишаа и во пoстапка е потпишувањето на договорите помеѓу Развојната банка и деловните банки за пласман на средствата кон крајните корисници, односно компаниите. Дел од банките веќе ги имаат потпишано договорите, а според информации од банките веќе има интерес за користење на овие средства. Во однос на поминатата временска дистанца од повлекување на овие средства од унгарската Експорт-импорт банка, до нивниот пласман се должи и на тоа што станува збор за еден нетипичин кредит, за разлика од она што се повлекувало претходно од меѓународни финансиски институции и издавање еврообврзница. Потоа, можностите за пласман на средствата преку Развојната банка, како и тоа што сакавме и консултации од Меѓународниот монетарен фонд, од каде чекавме писмена потврда. Сепак она што е најзначајно во овој процес за Владата е обезбедувањето на средства за компаниите по поволни услови и тоа беше една од причините заради коишто се влезе во преговори со банките и да се постигне решение со кое сега имаме камата од 1,95 отсто и што е уште поважно рок на отплата до 15 години. Ова е многу важно за нас како Влада особено што покрај тоа што обезбедуваме една значајна поддршка од 250 милиони евра за инвестиции и преку обезбедените услови ги охрабруваме компаниите да влезат во инвестиции. Тоа беше целта да се обезбедат средства по услови коишто во моментот ги немаше за компаниите во деловните банки во земјата.

Средствата од овој кредит ќе може да се користат и за изградба на трговски центри, за финансирање на проекти за обновливи извори на енергија… Зошто дојде до вакво проширување, дали компаниите немаат доволно проекти во производството и дали со ова всушност се отстапува од првичната намена на кредитот?
Со Одлуката што беше усвоена од страна на Владата на седница на 17 јануари за средствата може да аплицираат сите компании за финансирање во основни средства. Значи проширена е листата на компании со цел да може да има опфат во сите сектори, да има поголема абсорпција на средства од кредитната линија и да се поддржат што е можно повеќе инвестиции. Тоа е од аспект да се помогне домашната економија, особено домашните компании, да постигнат раст и со тоа забрзана економска активност и повисоки стапки на раст.
Каква е динамиката на користењето на средствата од унгарскиот кредит за локалната самоуправа, од јавниот повик објавен минатата година? Дали се распределни сите предвидени средства, како општините напредуваат со проектите?
Од заемот кој Владата го обезбеди од унгарската Експорт-импорт банка 250 милиони евра се наменети за проекти за општините. Првиот јавен повик беше објавен и на тие проекти веќе се работи и врз основа на завршени работи на терен се исплаќаат средства од Буџетот, некаде околу 77 милиони денари се исплатени веќе. Во Буџетот за оваа година се проектирани 250 милиони евра за општинските проекти. Вториот јавен повик е веќе објавен и општините имаат рок да се пријават до 30 април. Средствата се распределени во посебни програми по министерствата преку кои ќе се пласираат до општините.
Една од „жешките“ теми на почетокот на годината се и платите. ССМ инсистира на зголемување на минималната плата на 450 евра, па и повеќе, тука се и барањата на УПОЗ за зголемување на платите за 30 отсто… Каков е ставот на Министерството за финансии за овие прашања, дали има простор да се исполнат барањата на синдикатите?
Станува збор за прашање што е регулирано со Закон за минимална плата и е во надлежност на Економско-социјалниот совет. До крајот на месецот се очекува да се отвори ова прашање и целта е преку дијалог во рамки на ЕСС како трипартитно тело да се најде решение кое е одржливо пред се. Во Буџетот се веќе предвидени средства согласно постојните законски прописи за раст на платите. Ние како Министерство за финансии во рамки на нашите надлежности ќе ги анализираме сите предлози коишто ќе бидат официјално претставени пред ЕСС од аспект на фискалните импликации врз буџетот и можностите за нивно реализирање. Со Буџетот за 2025 година расходите за плати се проектирани на ниво од 48,1 милијарда денари. Сепак морам да напоменам дека растот на платите ќе изврши пристисок на инфлацијата и тоа е она за кое разговараме со синдикатите. Приоритет треба да биде подобар животен стандард, а тоа е многу поширок поим од платите. Нашата цел треба да е стандардот да ни порасне.

Дали е прифатлив предлогот на Стопанската комора на северозападна Македонија според која минималната плата би изнесувала 31.500 денари, но без зголемување на придонесите, што го прифати и ССМ?
Како што напоменав, ова прашање би го оставила да се отвори во рамки на Економско-социјалниот совет и преку еден дијалог да се изнајде решение. Исто така, да не заборавиме дека од 2002 година во Македонија имаме концепт на бруто плата, така што нето платата е договор меѓу работодавачот и работникот т.е. тие меѓусебе ќе одлучат кој ќе ги сноси обврските за придонесите.
И покрај преземените мерки за зауздување на цените, тие сепак беа изигрувани од страна на дел од стопанските субјекти. Иако не се во надлежност на Министерството за финансии, сепак, каков е вашиот став, може ли инфлацијата да се стави под контрола со помош на пазарни механизми, а не со ваков тип на интервенционизам?
Инфлацијата согласно проекциите со Буџетот за оваа година треба да биде на ниво од 2,2%, што е слична проекција како и Народната банка и останатите меѓународни финансиски институции. Важно е дека таа од двоцифрена во 2022 година постепено се намали и веќе последната година имаме ниво на инфлација од 3,5%. Има некои поместувања во последните месеци и со цел таа да се заузда се преземаат и оние мерки од страна на Владата кои би напоменала дека се исправни на краток рок, но на долг рок треба преку примена на Законот за забрана на нефер трговски практики да се дојде до намалување на цените по еден природен економски пат. При тоа е важно секако и ние како Влада со мерките што ќе ги преземаме да не ја подгреваме инфлацијата и на тоа особено внимаваме. Важно е на овој проблем да пристапиме со стратегија која е побавна, но дава повеќе ефекти.
Една од клучните определби во изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ и програмата на Владата е економскиот раст да се темели на инвестициската потрошувачка, односно на зголемување на инвестициите. Колку ваквата определба ќе може да се реализира, со оглед што капиталните инвестиции никогаш целосно не се реализирале?
Ова е всушност основата од која се појде во креирање на новиот концепт за економски раст. Резултатите што се постигнуваа на економски план бараа преоѓање на нов концепт и анализите што ние ги правевме во креирање на нашата програма укажаа дека инвестициите се тие што можат да донесат економски раст. Сега веќе имаме цел, имаме концепт и сериозно од соодветните институции се работи на негово остварување. Обезбедени се средства за капитални инвестиции во Буџетот за 2025 година за големи инфраструктурни проекти, средства за инвестиции во општините, оние 250 милиони евра, инвестиции во приватниот сектор исто така со поддршка од Буџетот во износ од 250 милиони евра и слично. А најважно е дека се работи и на терен, веќе имаме пуштени во употреба два патни правца, дел од железничката пруга кон Бугарија итн.
Растот на БДП за годинава е проектиран на 3,7 отсто. Колку ваквата цел е остварлива, како и растот на извозот, странските директни инвестиции и тн, имајќи ги во предвид состојбите кај нашите најголеми надворешно трговски партнери и најавените царини од страна на новата администрација на САД?
Случувањата на надворешен план и кај нашиот најголем трговски партнер Германија и ЕУ се земени предвид во основното макроеконмско сценарио и проектираниот раст на 3,7%. И она што претходно го напоменав, нашиот концепт за економски раст заснован на инвестиции, е моделот кој во еден дел ќе го надомести и неповолното влијание од надворешните фактори. Имено, согласно последните податоци, во третот квартал во 2024 економската активност забележа забрзан раст од 3,0% и таквиот тренд се очекува да продолжи и во следниот период, а како резултат токму на забрзаната реализација на инфраструктурните проекти, реализацијата на проектите во општините, како и поддршката на приватниот сектор за реализација на инвестиции со исклучително поволни услови од унгарскиот заем.
Американскиот претседател Доналд Трамп најави дека нема да го почитува договорот за минимален глобален корпоративен данок. Дали тоа го доведува во прашање спроведувањето на овој договор и што ќе прави Македонија – зголемувањето на овој данок за корпорациите што се опфатени со него, беше единствената мерка која ја најави Владата во даночната сфера?
Македонија е една од над 130-те земји кои се приклучени на Договророт за корпоративна даночна реформа усвоена во 2021 година, а кој го предвидуваше меѓу другото применување глобална корпоративна даночна стапка за големи мултинационални компании. Тој договор кај нас во земјата сега е преточен во законско решение и е дел од домашната законска регулатива која треба да се применува врз мултинационални компании кои имаат деловна активност во нашата земја. Односно со Законот за минимален глобален данок на добивка, усвоен во Собранието, се пропишани правилата за плаќање на дополнителен данок заради обезбедување минимално ефективно оданочување на добивката на составните субјекти кои се членови на група на мултинационални комплании. Со Законот се пропишуваат правилата за плаќање на дополнителен данок со кои се обезбедува минимално ефективно оданочување на добивката на мултинационални компании или на голема домашна група од 15%. Доколку 130-те земји се откажат од оваа идеја тогаш и ние ќе го направиме истото, целта е парите да не се плаќаат во други држави.
Дали се размислува за посериозни реформи во даночната сфера и во други области кои се во доменот на Министерството за финансии? И дали без вакви посеопфатни реформи можe да се направи исчекор во борбата против сивата економија, која кај нас се проценува дека на над 30 отсто од БДП?
Даночната политика којашто ја дефиниравме со Буџетот за 2025 и Фискалната стратегија 2025-2029 година не носи нови дополнителни оптоварувања на даночните обврзници, односно значи задржување на ниските даночни стапки и базира пред се на намалување на сивата економија и поголема наплата на средства. За таа цел работиме на зајакнуање на капацитите на институциите и воведување нови технологии за поефикасна и автоматизирана наплата на даноците, односно дигитализација на даночните процеси. Стартна активности е воведувањето е-фактура, мерка на која се работи со забрзана динамика во Управата за јавни приходи и ќе биде една од клучните за намалување на сивата економија. Да напоменам само дека единствената промена којашто ја направиве во сферата на даночната политика беше усогласување со минималната даночна стапка која ги опфаќа мултинационалните компании.

Владата наследи високо ниво на јавниот долг, но со мерките уште на почеток на мандатот, со задолжувањето во странство, наместо да се намали, дојде до негово зголемување. Дали Македонија може да дојде во ситуација да биде презадолжена, со сите последици кои од тоа произлегуваат?
Со задолжувањето не можам да се согласам дека се направило зголемување на долгот од она што беше предвидено со Буџетот за 2024 година. Она што ние се обидовме да го направиме и го направивме е тоа планирано задолжување да го направиме по услови коишто се многу поповолни отколку тоа да се реализираше со Еврообврзница, како што било претходно планирано. Значи пластично да појаснам и да не беше ВМРО-ДПМНЕ, односно оваа гарнитура на власт, и да беше која било друга, задолжување ќе се случеше и тоа беше планирано со усвоениот Буџет за 2024 година. Она што ВМРО-ДПМНЕ го направи, а со цел да направи заштеди барем по основ на камата и провизии, одлучи наместо да ги бара тие пари преку издавање нова еврообврница, да го направи тоа со билатерален заем со камата од 3,25%, која е многу поповолна ако се имаат предвид променетите услови на пазарите. Она што го направивме со билатералниот кредит е всушност заштеда од 30 милиони евра годишно. Толку е поевтин овој кредит од еврообврзницата. И кога би се навратила на прашањето дали може да дојдеме во ситуација да бидеме презадолжени би уверила дека со јавниот долг се управува соодветно и се сервисираат обврските навремено. Во јануари веќе вративме еврообврзница во износ од 500 милиони евра, односно со дел од она што се задолживме и се раздолживме, односно 500 милиони евра од билатералниот заем не влијаат на зголемување на јавниот долг, а исто така и кај задолжувањето на домашниот пазар секое задолжување не влијае на зголемување на долгот затоа што истовремено и се врши раздолжување на доспеани државни хартии од вредност. Така што се прават напори за на среден рок тој долг да биде под оној праг од 60% од БДП.
Деновиве беше потврден кредитниот рејтинг на земјата, на постојното ниво со стабилни изгледи. Зошто Македонија со години не може да мрдне напред во подобрување на кредитниот рејтинг, како на пример што го направија Србија, Хрватска…?
Кредитната агенција во последниот извештај нотира многу од напорите што ги вложуваме во стабилизирање на јавните финансии. Напорите за повисоки економски стапки на раст. Зошто е ова важно, затоа што тоа ќе доведе на среден рок до понизок буџетски дефицит и понизок јавен долг. Напорите за борба со сива економија се исто така значајни затоа што тоа значи повеќе изворни приходи во Буџетот и со тоа помал притисок врз буџетскиот дефицит и оттука и врз јавниот долг. Вистинскиот пат се реформите и повисоки стапки на економски раст и тоа е она што го нотира и Агенцијата, а истовремено претстаува приоритет и за Владата.
Воедно, кредитните агенции го земаат во предвид и политичкиот дел. Иако економијата оди во добра насока, сепак сите незатворени политички прашања имаат влијание на кредитниот рејтинг.
Уставниот суд го поништи Законот за солидарен данок. Какви ќе бидат последиците врз Буџетот со оглед што ќе треба да се вратат педесетина милиони евра?
Одлуката на Уставниот суд нема да ја коментирам. Одлуката е конечна и како Министерството за финансии ќе постапиме согласно донесената одлука и согласно надлежностите, одосно ќе ги сервисираме произлезените обврски од Буџетот. И ова би рекла е само една последица од штетните политики на претходната Влада, секако зборувам за Законот, не за донесената одлука од страна на Уставниот суд. Имено, како опозиција кога се носеше овој Закон укажувавме дека е штетен за економијата и компаниите кои се бореа со ликвидност, тоа го кажував и како потпретседател на партијата, тоа и во официјален допис до Министерството за финансии тогаш го доставивме, а тоа го говореа и нашите пратеници во Собранието. И еве се уште сме во ситуации да санираме штети од политиките што ги спроведуваа во претходниот мандат. Покрај тоа што оставија празна каса, со потрошен дефицит, многу непријавени и неплатени обврски, економија која дишеше на шкрги, се уште се појавуваат некои работи што треба ние да ги санираме. Но секако, како и претходно ќе најдеме начин да ги сервисираме обврските и да обезбедиме стабилност во јавните финансии. Во наредниот период ќе седнеме и ќе разговараме со компаниите кои биле опфатени со ова законско решение и можеби ќе се разгледа и можноста за пребивање. Секако дека сме посветени на фискална консолидација, ефикасно трошење на средствата и ефикасно прибирање на приходите.