Јавниот долг во еврозоната прв пат го надмина нивото на БДП


Јавниот долг на еврозоната надмина 100 проценти од бруто домашниот производ (БДП) во првиот квартал на 2021 година, прв пат досега.
Ова е поттикнато од потребата земјите-членки да продолжат со мерките за финансирање за ублажување на економските и социјалните последици од пандемијата и мерките за закрепнување од коронавирусот.
Според податоците на агенцијата за статистика на ЕУ, Евростат, јавниот долг на еврозоната се искачи на 100,5 проценти од БДП во првиот квартал од 97,8 проценти на крајот на последниот квартал на 2020 година. Во Европската унија јавниот ддолгг се зголеми од 90,5 на 92,9 проценти од БДП.
Јавниот долг во двата блока бележи уште подрастичен пораст во споредба со првиот квартал од 2020 година. Имено, на крајот на првите три месеци од минатата година, учеството на долгот во БДП во еврозоната беше 86,1 отсто, а во ЕУ 79,2 проценти.
Грција имаше највисоко ниво на државен долг во однос на БДП на крајот на првиот квартал од 2021 година (209,3 проценти), потоа Италија (160 отсто), Португалија (137,2 проценти), Кипар (125,7 проценти), Шпанија (125,2 проценти), Белгија (118,6 проценти) и Франција (118 проценти), додека најниско ниво е забележано во Естонија (18,5 отсто), Бугарија (25,1 отсто) и Луксембург (28,1 отсто).
Од земјите-членки на ЕУ од поранешна Југославија, јавниот долг на Хрватска се искачи на 91,3 проценти од БДП во разгледуваниот период, додека во Словенија тој беше нешто помалку од 90 проценти, според Евростат.
Во споредба со четвртиот квартал на 2020 година, дваесет и три земји-членки на Унијата забележаа раст на долгот кон БДП, со намалување кај две земји (Литванија и Данска), додека тој сооднос остана стабилен во Словачка и во Бугарија.