Јавниот долг намален на ниво пред пандемијата


Фото: Б. Грданоски

Јавниот долг на Македонија се намалува. Последните објавени податоци од страна на Министерството за финансии, а коишто се однесуваат на третиот квартал од 2023 година, покажуваат намалување за 2,1 проценти во однос на претходниот квартал и 3,9% споредено со крајот на 2022 година.

Како што информираат од ресорното министерство со регистрирано ниво од 55,8% од БДП, јавниот долг се врати на нивото од пред 2020 година, пред пандемијата, односно тој е понизок за 3,9% и од нивото на јавниот долг во 2020 година. По дефиниција јавниот долг е државниот долг што го должи државата, јавните претпријатија, општините, претпријатијата во државна сопственост, Народната банка.

– Одржувањето на јавниот долг на стабилно ниво и во рамки на границите на Мастришките критериуми и согласно новите фискални правила од Законот за буџети е и останува нашата основна определба во управувањето со јавниот долг. Најдобар показател за тоа се податоците што ги објавува Министерството за финансии во утврдена динамика, кои покажуваат намалување на нивото на јавниот долг и тоа од 59,7% од БДП во 2020 година на ниво од 55,8% на крајот на третиот квартал од оваа година – вели министерот за финансии, Фатмир Бесими.

Тој додава дека ова е особено важно затоа што се остварува во услови кога имавме потреба од поголема фискална поддршка за справување со ковид-кризата, а потоа и со енергетската и ценовната, за што беа издвоени 2 милијарди евра, а истовремено редовно се сервисираа сите обврски, вклучително и стари задолжувања. Така, во овој период, покрај другите, беа исплатени и еврообрзници во износ од 1,22 милијарди евра.

Бесими потсетува дека во третиот квартал од 2023 година била извршена исплата на еврообврзницата издадена во 2016 година во износ од 450 милиони евра, односно исплатени се обврски по основ на надворешен долг во износ од околу 540 милиони евра.

Министерот укажува дека покрај јавниот долг, намалување се забележува и кај државниот долг и тоа од 2,2 проценти на крајот третиот квартал во однос на вториот квартал од 2023 година и тој сега е позициониран на ниво од 48,2% од БДП.

– Како Влада и Министерство остануваме на определбата за прудентно управување со јавниот долг и негово одржување на стабилно ниво. За да опстоиме на оваа определба и на понатамошното продолжување на овој тренд на намалување на долгот, продолжуваме да го спроведуваме планот за постепена фискална консолидација и обезбедување средства во Буџетот само за развојни проекти и отплата на стари долгови со најнизок можен трошок – вели Бесими.

Последните пет години јавниот долг е зголемен за високи три милијарди евра. Анализирано по години, во 2018 година, државниот долг бил 5,2 милијарди евра, потоа во 2019 година достигнал 5,5 милијарди евра,а во 2020 година тој се искачил на 6,4 милијарди евра,за да во 2021 година сме се задолжиле до 7,1 милијарда евра .