Јавни претпријатија ќе ги санираат улиците и патиштата во Делчево и Крива Паланка кои беа оштетени од поплавите


Јавното претпријатие за одржување магистрални и регионални патишта и Јавното претпријатие за државни патишта ќе ги преземат сите потребни мерки и активности за санирање, заштита и реконструирање на улиците во општините Делчево и Крива Паланка, одлучи Владата на денешната седница.

Со цел ефикасност во постапувањето, Владата ги задолжи овие две претпријатија во рок од шест месеци да достават извештај за извршената рехабилитација и реконструкција на утврдените општински улици и патишта.

-Владата ја разгледа и усвои Информацијата за преземени активности во врска со прогласената кризна состојба на подрачјата на Општина Делчево и Општина Крива Паланка и донесе Одлука за утврдување на општинските патишта и улици, за кои работите за рехабилитација и реконстуркција ќе ги вршат јавни државни претпријатија. Со Одлуката, како што образложи предлагачот, Министерството за транспорт и врски, им се овозможува на Јавното претпријатие за одржување магистрални и регионални патишта и на Јавното претпријатие за државни патишта, и покрај тоа што станува збор за општински улици и патишта, во интерес на граѓаните, да ги преземат сите потребни мерки и активности за санирање, заштита и реконструирање на улиците во општините Делчево и Крива Паланка. Oва е направено по доставено известување од Општината Крива Паланка, со листа на приоритети за санација на штетите на инфраструктура кои се во надлежност на општината и листа на приоритети на инфраструктурни објекти кои се во надлежност на републиката, како и доставено известување од Општина Делчево, со листа на приоритети за улиците, атмосферските канализации, регулација на реките и мостот на река Брегалница, наведува Владата.