Јавни набавки само со согласност на Владата


Владата ги задолжи сите органи на државната управа и јавните претпријатија да се придржуваат до забраната за спроведување на несуштински јавни набавки, како дел од мерките за рационализација на постапките за јавни набавки поради последиците од епидемијата со коронавирусот.

– Се задолжуваат сите органи на државната управа, јавните претпријатија основани од државата, акционерските друштва во државна сопственост, агенции , фондови, бироа, заводи, управи и сите останати  државни институции, а се препорачува на единиците на локалната самоуправа, јавните претпријатија основани од единиците на локалната самоуправа и другите институции од јавниот сервис да се придржуваат до забраната за спроведување само на несуштински јавни набавки (мебел, возила, опрема и слично), се наведува во Заклучокот.

Во текстот се посочува дека по исклучок, до колку постои итна и неопходна потреба од ваква јавна набавка, во насока на нормално и непречено функционирање на институциите и извршувањето на нивната надлежност, тогаш таа да се спроведе исклучиво по претходна согласност од Владата.