Јавен превоз утре ќе има до 9 часот, потоа возачите заминуваат пред Град Скопје

Вработените во ЈСП имаат срце и душа да им излезат во пресрет на граѓаните на Скопје, на болните, децата, вработените


Фото: Б. Грданоски

Првиот автобус на ЈСП утре ќе биде во 4.30 часот, а последниот во 9 часот. Автобусите ќе се повлечат во базите во Автокоманда и Ѓорче Петров и нема да има јавен превоз.

Вработените пак,  во 10.30 ќе одат пред Град Скопје, каде утре на седница Советот ќе расправа за субвенционирање на ЈСП со 11 милиони евра, пари кои треба да бидат искористени за исплата на декемвриската плата, која доцни, а која воедно е причина за штрајкот на вработените.

„Вработените во ЈСП имаат срце и душа да им излезат во пресрет на граѓаните на Скопје, на болните, децата, вработените да стигнат на своите работни места. Меѓутоа во 9 часот автобусите се повлекуваат во база. Во 10.30 часот вработените на ЈСП ќе бидат пред Советот на Град Скопје, каде што ќе се носи иодлуката за субвенционирање на јавниот градски превоз и таму ќе бидат се додека не се донесе одлуката за субвенционирање“, изјави вечерва Миќо Стојановски, од синдикат на ЈСП.

Тој додава дека штом платите за декември ќе легнат на сметките на вработените во ЈСП веднаш влезат во автобусите и ќе сообраќаат низ улиците на Град Скопје.

Бојкотот на вработените во ЈСП беше најавен уште пред неколку дена, бидејќи тие сè уште не ја примиле декемвриската плата.

Прашан доколку утре се донесе одлуката за субвенции на седницата на Советот на Град Скопје, дали истиот ден ќе биде воспоставен повторно јавниот превоз, тој посочува дека и доколку се донесе таа одлука, нејасна е процедурата оти не се знае кога ќе биде исплатена плата.

-Доколку одлуката се донесе в понеделник, во разумно време, за парите да можат да легнат на сметката на претпријатието, во вторник ќе има јавен превоз. Во спротивно, автобусите на ЈСП нема да возат ниту во вторник – вели првиот синдикалец во ЈСП.

Тој потсетува дека одлуката за субвенциите на ЈСП досега трипати била на седница на Советот, и трипати била „ескивирана“.

За можноста да биде пуштен по еден автобус на сите линии, за превоз на учениците, бидејќи стартува второто полугодие, првиот синдикалец во ЈСП, Миќо Стојановски денеска изјави дека ќе се договара на вонредниот состанок со претставници на ЈСП, закажан за доцна попладнево.

-Поради бројни јавувања од родители и здруженија на пензионери треба да одлучиме дали ќе се пушти по еден автобус на сите линии за нивен превоз – потенцираше Стојановски.

Тој додаде дека ќе им се придружат и приватните превозници, бидејќи дел од субвенциите ќе бидат и за нив.

Вонредната седница на Советот на Град Скопје на која како единствена точка на дневен ред е одлуката за субвенциите од 11 милиони евра за ЈСП, е закажана за утре, во 11 часот. Ова е четврти пат како одлуката за субенциите на ЈСП се става на седница на Советот на Град Скопје.