Јавен оглас за нов директор со полн мандат-Стефоска се договори со актерите од Театар Комедија


Фото: Б. Грданоски

Министерката за култура, Ирена Стефоска  и  вработените во НУ Театар Комедија се договорија во следниот период  да го одржат професионалното ниво на соработка и високото реноме на институцијата.

Стефоска ги информираше вработените дека согласно Законот за култура, денеска е објавен  Јавниот  оглас  за нов директор со полн мандат од 4 години. Беше договорено, за времетраењето на Огласот, што е 15 дена, в.д.директор на установата да е актерката, од редот на вработените, Магдалена Ризова Черних, а уметнички раководител да е драматургот Дарко Јан Спасов.

Министерката Стефоска и ансамблот на НУ Театар Комедија изразуваат искрена желба на Јавниот оглас да се пријават сите заинтересирани кои ги исполнуваат условите, и најквалитетниот кандидат да биде избран за директор со редовен мандат. На тој начин, еден од омилените театари во земјава ќе продолжи со успешниот репертоар, за кој низ годините се бара карта повеќе.

Средбата следи откако министерката за култура, Ирена Стефоска во средата ја разреши в. д. директорката на Театар Комедија, Нора Шаќири-Марковиќ, и ја назначи за нова в. д директорка актерката Магдалена Ризова-Черних. 

Одлуката е донесена по добиениот Извештај од Државниот инспекторат за труд.

„Во Извештајот е констатирано дека раководното лице презело активности спротивни на член 34 став 1 алинеа 3 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси, член 8-а став 1 алинеа 3 од Изборниот законик и член 11 од Законот за заштита од вознемирување на работно место. Со тоа се потврдува дека раководното лице водело и ја завршило дисциплинската постапка врз вработени во време на изборен процес“, соопштија неделава од кабинетот на министерката Стефоска.

Шаќири-Марковиќ дојде на функцијата на 2 февруари годинава, откако Стефоска го разреши дотогашниот  директор Сашо Ристовски поради неправилности во работењето. Мандатот како в.д. директор и истекува за два месеца. 

Театар Комедија е основан во 2011, и е сместен во зградата на некогашниот Театар „Центар“.