„Јас сум за ЕУ, но не по секоја цена“: Игор Ивановски од Платформата за членството во Унијата
Некои работи станаа појасни од дејствувањето на Платформата за промените во СДСМ по синоќешното гостување на нејзиниот предводник, Игор Ивановски, во емисијата „Директно“ на Телма. Освен општите залагања за креирање нови политики, формирање на опозициски фронт, во кој СДСМ ќе биде само еден дел, Ивановски го претстави неговиот став околу приближувањето кон ЕУ и промената на уставот, кој има елементи на евроскептицизам.
Тој став е многу близок до оној на премиерот Христијан Мицкоски и на министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски.
„Јас сум за ЕУ, но не по секоја цена и на ваков начин“, рече Ивановски. И додаде: „Јас сакам да бидеме таму, а дотогаш што да правиме ние. Да се давиме во ѓубре, да палиме гуми. Внесувањето на Бугарите во Уставот нема да го реши нашиот влез во ЕУ“.
Обајаснувајќи ги нивните „Разговори за иднината“, тој рече дека тоа е процес за креирање опозициски фронт, којшто не значи гола политичка власт. „Македонија мора да прогресира кон Европската унија. Се доведуваме во ситуација во којашто имаме многу тешка позиција внатре“.
Според него, ниту барањето за брзо внесување на Бугарите во Уставот е точно, ниту пак тврдењето дека тоа значи велепредавство. И потоа нагласи: „Здравиот разум, здравиот патриотизам, подразбира рационален пристап, да се борите за исполнување на вашите стратешки цели со паметен и колку што може поунифициран став како држава“.
Ивановски рече дека ако Урсула фон дер Лајен доаѓа на турнејата на Балкано со „истите позиции нема ништо да промени“. За него е провокација давањето на моштите на Цар Самоил од Грција на Бугарија. „Тоа не е добро за нас“, рече Ивановски.