Јапонскиот премиер во Киев додека Ши разговара со Путин


Фумио Кишида и и Володимир Зеленски

 

Јапонското Министерство за надворешни работи потврди дека премиерот Фумио Кишида ќе се сретне со украинскиот претседател Володимир Зеленски во вторник во Киев.

Во соопштението, Министерството рече дека Кишида ќе ја изрази јапонската „солидарност и непоколеблива поддршка за Украина“ и „неговата почит за храброста и истрајноста на украинскиот народ кој застана да ја брани својата татковина“.

„Премиерот Кишида одлучно ќе ја отфрли руската агресија врз Украина и едностраното менување на статус-квото со сила и ќе ја потврди својата решеност да го одржи меѓународниот поредок заснован на владеење на правото“, се вели во соопштението на Министерството.

Ненадејното патување на Кишида доаѓа додека кинескиот лидер Ши Џинпинг разговара со рускиот претседател Владимир Путин во Москва.

Неговата посета ќе биде првпат јапонски премиер да посети земја или регион со тековни борби по Втората светска војна, според јавниот радиодифузен сервис НХК. Тоа, исто така, ќе биде прва посета на Украина на азиска членка на групата Г7 и прва на сојузник на САД во регионот.

Двојните посети на Кишида и Ши ја нагласуваат длабоката поделеност во североисточна Азија кон војната во Украина, при што Јапонија вети значителна помош за Киев, додека Кина останува осамен глас кој го поддржува сѐ поизолираниот Путин – сега глобален отпадник и осомничен воен злосторник.

Кишида ќе отпатува за Полска во среда, се додава во соопштението на Министерството.

Во исто време министерот за надворешни работи на Тајван во вторникот ги критикуваше напорите на Кина да се претстави како миротворец во конфликтот во Украина, додека таа „се заканува со војна“ против островот.

„НР Кина се заканува со војна против #Тајван и другите, но сака да и предложи мировен план на #Русија, која ја иницираше војната против # Украина“, рече министерот за надворешни работи Џозеф Ву на Твитер профилот на тајванското Министерство за надворешни работи. „Ние не сме идиоти. Сакате мир? И двајцата автократи треба веднаш да престанат со своите закани, агресија и експанзионизам“.

Очигледното упатување на Ву за кинескиот лидер Ши Џинпинг и рускиот претседател Владимир Путин доаѓа додека Ши е на тридневна посета на Москва, која Пекинг го оквалификува како „патување на мирот“.