Јапонскиот министер за надворешни работи ќе учествува на состанокот на Г7 во Париз
Јапонскиот министер за надворешни работи Тошимицу Мотеги денеска изјави дека следната недела во Париз ќе учествува на дводневниот состанок на министрите за надворешни работи на Групата седум (Г7), на кој ќе бидат разменети мислења за начините за зачувување на стабилноста на Блискиот Исток и давањето поддршка на Украина.
Мотеги, кој в недела ќе отпатува од Јапонија за да присуствува на состанокот на Г7, чиј почеток е предвиден за следниот ден, на прес-конференција рече дека министрите ќе разговараат и за ситуацијата во Индо-пацифичкиот регион, како и за „одговорите на различните предизвици што ги носи вештачката интелигенција, вклучително и меѓународната координација во борбата против кибер-нападите“, пренесе Кјодо.
Мотеги наведе дека во тек е и договарање на билатерални разговори со останатите министри кои ќе учествуваат на состанокот со цел продлабочување на меѓусебните односи.
Состанокот на Г7 првично требаше да се одржи во Марсеј на југот на Франција. Сепак, местото на одржување е променето и состанокот ќе биде организиран во Париз од 9 до 10 ноември поради логистички и оперативни причини.
Групата Г7 ја сочинуваат Велика Британија, Канада, Франција, Германија, Италија, Јапонија и Соединетите Американски Држави. ЕУ исто така учествува во работата на Г7.