Јапонскиот цар Нарухито прв пат му се обрати на народот


Јапонскиот цар Нарухито, првпат по преземањето на престолот, ја поздрави јавноста, изразувајќи надеж дека Јапонија и натаму ќе стреми кон мир.
Насмеаниот Нарухито(59), во костум, заедно со сопругата, царицата Масако, од балконот на својата резиденција им се заблагодари на луѓето на честитките. Нарухито рече дека е длабоко благодарен и задоволен од приредената свеченост.
– Ви посакувам здравје и среќа и искрено се надевам дека нашата земја ќе продолжи со зачувувањето на светскиот мир, рака под рака со другите земји, и дека и натаму ќе се развива, нагласи царот.
На прославата присуствуваа повеќе од 140 илјади луѓе.
Нарухито го наследи својот татко, 85-годишниот Акихито, кој абдицираше од тронот поради својата возраст и нарушено здравје. Тој е прв јапонски император кој абдицирал во последните 200 години.


Царицата Масако, која студирала на Оксфорд и Харвард, морала да се откаже од својата работа како дипломат, кога се омажила за Нарухито во 1993 година.
Нарухито и Масако имаат едно дете, принцезата Аико(17) која не може да го наследи престолот. Следен на тронот најверојатно ќе биде сега 12-годишниот Хисахито, син на помладиот брат на царот Нарухито.