Јапонски професор по фармакологија ги учел студентите како да произведат екстази
Еден професор на јапонски универзитет може да биде осуден на затворска казна до 10 години бидејќи ги навел своите студенти да произведат екстази, велат локалните власти.
Осомничениот е 61-годишен професор по фармакологија од Универзитетот Мацумајама во западна Јапонија. Тој ги терал своите студенти да подготват супстанција MDMA, или попозната како екстази во 2013, година и уште една таканаречена „дизајнерска дрога“ минатата година.
Професорот им рекол на истражителите дека сакал да го прошири „образованието“ на студентите по фармакологија, соопшти официјален претставник на јапонското Министерството за здравство.
Екстазите што биле произведени не биле пронајдени и „веројатно биле исфрлени“, додаде претставник кој сакаше да остане анонимен.
Ако обвиненијата се потврдат, наставникот може да биде осуден на 10 години затвор. Според јапонскиот закон, со цел да се произведат дроги за образовни цели, мора да има дозвола издадена од локалните власти.