Јапонски Но театар во Скопје: Назад кон аналогното, човекот пред дигиталното


Ако се загубите себе си во денешното дигитално време, во виртуелниот свет во кој се повеќе живее современиот човек, погледнете Но претстава, која ќе ве врати во аналогијата и во суштината дека човекот е всушност најбитен. Технологијата постои благодарение на човекот и неговата сила и интелект, а традиционалниот јапонски Но театар е целосно посветен на аналогното, на она што е човечкото.

Овој театар веќе 700 години го брани аналогниот свет и им помага на луѓето да се запознаат со историјата на јапонските самураи, животот во 14, 15, 16 век, но исто така понекогаш во неговата изворна форма знае да допре и современи теми, како на пример екологијата и потребата од заштитата на животната средина.

Во Скопје завчера во МНТ прв пат беше изведена традиционалната уметност од Но Театарот „Јамамото“ со 21 учесник вклучувајќи и тројца носители на сертификат за нематеријално културно добро доделен од страна на Владата на Јапонија.

На програмата беа „Хагоромо“ (Перјаното руво) и „Цучигумо“ (Земјениот пајак). Публиката имаше можност час и половина да се запознае со оваа традиционална форма на театар, која во 14. век ја развиле јапонските самураи, првично како ритуален чин посветен на душите на починатите.

Смирени и моќни движења, на моменти актери кои не прават ниту едно движење по неколку минути, бавно одвивање на драмско дејство, нешто на што не е навикнат забрзаниот мозок на денешниот човек. Јапонските актери во двете претстави преку Но формата со пеење, танц, свирење на традиционални јапонски инструменти ги раскажаа двете приказни.

Првата за рибарот Хакуро, кој одејќи по риба наоѓа чудесно перјано руво, како виси на гранка на еден бор. Одлучува да го понесе со себе и да го чува како семејно богатство, но пред него се појавува небесна девојка, која служи во Месечевата палата и го замолува да и ја врати наметката. Тој најпрвин ја одбива, но потоа се согласува, доколку таа му одигра небесен танц.

Втората за големиот воин Раико, кој страда од непозната и сериозна болест. Една ноќ го посетува сомнителен монах, кој тој набргу го разобличува и сфаќа дека е Пајакот-демон, кој му ја предизвикал болеста. По кусата борба го ранува демонот, но тој успева да побегне. Неговиот верен штитоносец, Хиторимуша е испратен да го убие демонот и тој во една дрвена камена могила успева да го уништи Пајакот.

Актерите приказната ја раскажуваат преку традиционални јапонски песни, придружувани од оркестарот, кој во Но театарот се состои од четири инструменти – Нокан флејтата, чиј звук не кореспондира со До-Ре-Ми скалата и три видови на традиционални јапонски тапани.

Претставата предизвика различни чувства – нешто невообичаено, невидено, на моменти чудно, древно, споро и можеби малку досадно за забрзаниот ум на денешниот човек, но на крајот од претставите громогласниот аплауз ги врати на сцената актерите.

Ден претходно јапонската Но трупа им ги пренесуваше на студентите од втора и трета година на Факултетот за драмски уметности техниките на оваа традиционална јапонска форма. Околу 20 студенти учеа од професорот Акиро Јамамото и останатите членови на трупата.

Маската во Но театарот има специјално место, има значење на реликвија. Пред да ја стави на себе актерот и се поклонува и потоа светот го гледа низ малите отвори, влегува во реалноста што треба да ја пренесе, а се исклучува од неговата. Движењата воопшто не се лесни. За нив е потребна концентрација и координација својствена на јапонските самураи.

Студентката од ФДУ, која беше облечена во традиционално јапонско кимоно, ја почувствува тежината која жените во тоа време на носеле преку својата облека. Воопшто не е лесно да се движиш во кимоно, а уште потешко е да гледаш низ маска и да глумиш пред публика, движејќи се во просторот.

Но изведбата е всушност тренинг и координација на умот, концетрацијата и движењата во малку невообичаено, отежнати услови. Актерот од маската нема целосна прегледност за просторот околу себе, поради тоа се учи да се движи полека и скоцентрирано, речиси лизгајќи ги стапалата по земјата. Развива исклучително чувство за просторот околу себе. Секое движење означува некоја емоција. Раката пред лицето значи тага, крената рака со лепеза в раце значи радост.

Оваа театарска форма првенствено се изведувала за боречката, самурајската класа, која била највисокиот слој во општеството во тоа време.

Професорот Акихиро Јамамото вели дека наишле на добар прием кај студентите, тие пробале пеење, сценски движења, а тој толку би инспириран од некои од нив, што посакал да ги земе со себе во Јапонија.

-Како уметничка форма се јавува во 14 век од тогаш континуирано се изведува до денес. Дури и откако не постои тој боречки слој сепак традицијата на Но продолжува и до денес. Улогата што ја има Но во општеството е многу повеќе од тоа да му пружа забава на народот, Но пренесува дел од историјата, како се чувствувале луѓето во 14 век, со кои работи биле преокупиран нивниот духот, духот на тоа време да биде пренесен денес. Јапонија живее во високо развиено дигитално технолошко време, но ова е аналогна уметност, нема никакви модерни помагала, произведуваме уметност само со моќта на човекот, вели тој.

Забележавме дека има само машки актери во јапонската трупа која дојде во земјава. Тие ги глумеа и женските улоги, а на прашањето дали жените учествуваат во оваа театарска форма Јамамото вели: „Во минатото не жените не им било дозволено да се занимаваат изведувачки уметности, затоа со Но традиционално се занимавале само мажи, но во денешно време имаме и жени изведувачи“.

Повеќето Но претстави се поврзани со минатото, но има и понови и со нив освен минатото се опфаќаат и современи актуелни теми. Сепак и новонапишаните строго се придржуваат кон фортмата на Но. Самиот Јамамото има напишано три дела.

Но е вбројан во листата на УНЕСКО за Светско нематеријало културно наследство и е најстарата зачувана сценска уметност, која до ден денешен се изведува непрекинато и без да претрпи значајни промени.

Основоположници на Но се актерите и писателите Кан-ами и неговиот син Зеами од 14 и 15 век. Тие успеале да направат спој од бројни танци и изведувачки уметности кои постоеле во тие векови. Заштитници на Но отсекогаш биле високата класа на самураи, на чело со шогунот Ашикага. Оваа уметност својот врв го има доживеано во доцниот 16 век за време на владеењето на Тојотоми Хидејоши.

По крајот на феудализмот, кон средината на 19 век, Но ја губи државната поддршка. Сепак, останува да биде уметност на високата класа и е поддржувана од водечки бизнисмени. На тој начин, традицијата на Но успева да опстои до денешно време кога уметноста зазема централно место во естетиката и културниот идентитет на Јапонија.