Јапонската Влада доставила најмалку 1.900 валкани и контаминирани маски до граѓаните


Некои од платнените маски, со кои владата на јапонскиот премиер Шинзо Абе почна да ги снабдува домаќинствата, биле валкани. На нив имало дамки или на друг начин бил контаминирани, соопшти јапонското Министертсво за здравство.

Според „Џапан њуз“, владиниот план бил да испорача околу 10 милиони маски за бремени жени, а во вторникот почнала да ги испорачува до локалните власти.

Министерството за здравство, меѓутоа, соопшти дека 80 општини во текот на викендот пријавиле најмалку 1.900 проблеми, тврдејќи дека маските биле испорачани со дамки, биле правливи или на друг начин контаминирани, пренесуваат американските медиуми.

Повеќето вакви маски биле испратени до бремени жени, додека на некои што биле доставени до училиштата имало бубачки, соопшти министерството.

Исто така, се чини, имало проблем и со големината на маските.

Кога маските биле доставени до центрите за нега на стари лица, во телевизиските емисии било покажано дека некои негуватели имаат проблеми да ги стават маските на лицето бидејјќи, кажале, биле премали за да ги покријат носот и устата.

Министерството соопшти дека ги повикало производителите на маски да го решат проблемот, а од општинските власти побарало да извршат увид во маските пред да ги испоралаат.