Јапонска опера во Скопје


Вечерва во Македонскиот народен театар домашната публика за првпат има можност да присуствува на изведба на традиционална уметност од „Но-театарот Јамамото“ од Кјото.  На програмата се делата „Хагоромо“ (Перјаното руво) и „Цучигумо“ (Земјениот пајак) со титл на англиски и на македонски јазик. Настанот е во организација на Амбасадата на Јапонија, МНТ, и е поддржан од Министерството за култура.

Традиционалната уметност „но“ e вбројана во листата на УНЕСКО за Светско нематеријално културно наследство. Настанала пред околу 650 години и е најстарата зачувана сценска уметност, која до денес се изведува непрекинато и без да претрпи значајни промени. Основоположници се актерите и писателите Кан-ами и неговиот син Зеами од 14 и 15 век. Тие успеале да направат спој од голем број танци и изведувачки уметности, кои постоеле во тие векови. Заштитници на „но“ отсекогаш биле високата класа самураи, на чело со шогунот Ашикага.