Јапонија, Велика Британија и Италија развиваат борбен авион од следната генерација, Мицубиши е клучен партнер


Јапонската компанија Мицубиши Електрик планира да изгради три фабрики за производство на електронски системи за нов напреден борбен авион што заеднички го развиваат Јапонија, Велика Британија и Италија, и очекува проектот да почне да придонесува кон нејзината добивка до крајот на оваа деценија, изјави денес главниот финансиски директор на компанијата, Кеничиро Фуџимото.

„Мојот впечаток е дека проектот би можел да почне да придонесува кон приходите околу фискалната 2029 или 2030 година, можеби дури и една година порано“, рече Фуџимото, според Ројтерс.

Тој рече дека компанијата ќе добива надомест за ангажирање експерти и изградба на прототипови.

Мицубиши Електрик е еден од клучните учесници во Глобалната програма за борбено воздухопловство (GCAP), која има за цел да воведе нова генерација борбени авиони во оперативна употреба до 2035 година.

Индустриски спонзори на програмата GCAP се Мицубиши во Јапонија, BAE Systems во Обединетото Кралство и Leonardo во Италија.

Канада се приклучи како набљудувач, додека Германија и Саудиска Арабија се споменуваат како можни дополнителни партнери, иако претставниците на проектот изјавија дека новите учесници не смеат да го загрозат планираниот рок 2035 година за влегување на авионите во употреба.

„Мицубиши Електрик“, производител на радарски системи и ракети, се стреми да ја зголеми годишната продажба во одбраната за повеќе од половина, на 690 милијарди јени (околу 4,4 милијарди долари) до март 2031 година.

Компанијата очекува извозот да игра значајна улога во тој раст, вклучувајќи ја работата на програмата GCAP, опремата за воените бродови од класата Могами што Јапонија планира да ги испорача во Австралија и компонентите за ракетата воздух-воздух AIM-120 AMRAAM од американската одбранбена компанија RTX.

Јапонија ги ублажи децениските ограничувања за извоз на оружје во април во обид да ја зајакне својата домашна одбранбена индустрија, бидејќи војните во Украина и Блискиот Исток го зголемуваат притисокот врз производствените капацитети на западните производители на оружје.