Јапонија со грант обезбеди мобилен рентген апарат за болницата во Штип


 

Амбасадорот на Јапонија Н.Е. Савада Хиронори потпиша договор за „Грант помош на мали проекти за човекова безбедност“ (GGP) со цел да се подобрат основните човекови потреби во Северна Македонија.

Проектот за набавка на мобилен рентген апарат на ЈЗУ Клиничка болница Штип во вредност од 50.822 евра, има цел да ја подобри здравствената нега за пациентите од источниот регион на земјата.
Новиот мобилен рентген апарат ќе овозможи навремено и прецизно дијагностицирање на пациентите, без дополнителни ризици кога пациентите не се подвижни. Исто така, апаратот ќе се користи и во текот на оперативни зафати, за подобри резултати при третман на пациентите.

Ова е петта донација по ред од страна на Јапонија за Општина Штип, преку програмата GGP. За Клиничката болница во Штип ова е втор GGP грант, откако во 2017 година беа доделени амбулантни возила.

Преку грант програмата за мали проекти GGP Јапонија има финансирано и реновирано и обезбедено опрема за преку 70 училишта и градинки, 57 јавни здравствени институции и има обезбедено 31 специјализирано возило за управување со отпад за 49 општини.

Јапонија ја поддржува Северна Македонија во различни сектори, континуирано во инфраструктурен развој, подобрување на здравствените услуги, образованието, животната средина, култура, помош при природни катастрофи и бегалски кризи како и итна помош која изнесува повеќе од 422.3 милиони евра како и друга нефинасиска помош.