Јапонија се плаши од „балканизацијата“ на интернетот во Азија
Замислете си живот со пет нуклеарни сили во соседството, кои постојано ги билдаат своите армии, а со три земји имате територијален спор? Ова и се случува на Јапонија, земја во најопасниот и најкомпетитивниот регион во светот во моментов, Далечниот Исток, т.е. Азија.Кога ќе се жалите дека Македонија страда од опкружувањето, навратете се на овој пример, пред се заради сознанието дека не сме ние единствените со проблеми заради историјата, територијата или различно толкување на настаните.
Минатата недела група млади од регионот на Западен Балкан, меѓу кои и од Македонија, престојуваа во Јапонија како дел од иницијативата на официјален Токио да ја помогне стабилноста на нашите држави, да ги помогне реформите и да ни помогне побрзо да влеземе во ЕУ. Иако некому може да му изгледа чудно кој е интересот на Јапонија да троши сретства за ваква надворешна активност, во Токио одамна сфатиле дека нивниот мир е само камче од мозаикот на светскиот и дека низ вакви иницијативи го јакнат својот углед, својата позиција, бројот на своите пријатели, а со тоа и шансите на мирољубив начин да ги решат споровите и да демонстрираат пример како треба да биде и во нивниот регион кој, признаваат тука, станува високоризичен. Па така, дел од престојот на младите од Балканот беше посетата на Хирошима, каде што разговараа со живи сведоци од атомскиот напад и тоа го сфатија како лекција – како треба да се справуваме и ние со минатото.
„Ова беше за нас искуство што ви го менува погледот кон животот. Ние на Балканот секогаш го вперуваме прстот кон некого, кон некоја земја, кон некоја националност, кон лошите…овде пораката беше само како да се спречи вакво нешто да се случи повторно. Ни дадоа различна перспектива како да се справиме со минатото и да продолжиме натаму. Спомениците кај нас не се сеќавање на жртвите туку порака до извршителите, а тука не е така“, порача еден од учесниците во групата во јапонското МНР, пренесувајќи ги зборовите на еден од жителите: „Јас не сум жртва од Хирошима, јас сум јпреживеан“.
Оваа програма е дел од официјалната Иницијатва за соработка со Западен Балкан што минатата година ја промовираше премиерот Шинзо Абе, како дел од стратегиските приоритети на земјата во надворешната политика и како дел од партнерството со ЕУ, која му треба на Токио за да промовира европски стандарди во азијскиот регион. Па така, Токио во моментов предупредува на „балканизација“ на интеренетот во Азија како нешто што води кон дезинтеграција и оддалечување на земјите во регионот, откако Кина воведе посебна интернет инфраструктура и кинески социјални мрежи, а тоа истото го најавуваат од Русија со опасност трендот да се прошири во целиот регион. Токио верува дека контактите на луѓето од различните земји помагаат за нормализирање на односите, па ова се смета за една од заканите за регионалниот мир.
„Военото опкружување се менува рапидно. Кина станува не само економска туку и воена сила. Се соочуваме со сајбер напади, се шират радарските системи, се повеќе има улога вештачката интелигенција. Сите овие фактори ќе бидат пресудни за позиционирањето во иднина, бидејќи се сменија традиционалните воени методи“, предупредува експерт во Токио, нагласувајќи дека Јапонија не се откажува од политиката на решавање на споровите исклучиво со мирољубиви сретства, но дека опкружувањето е толку сменето што мора да се преиспитаат методите како да се постигне тоа. Според медиумските пишувања, едно од ветувањата на најдолговечниот премиер Абе на изборите било дека ќе го преспита Членот 9 од Уставот кој регулира дека Јапонија формално нема армија туку само сили за самоодбрана кои бројат над 140.000 војници. Токио е под притисок и на Вашингтон да се вклучи поактивно во однос на американското справување со проблемите што му ги прави Пекинг, иако засега тие се главно на трговско ниво.
Колку состојбата е комплексна покажува дипломатскиот спор со Јужна Кореја, која патем исто како и Јапонија, е под заштита на САД во однос на заканите што доаѓаат од Северна Кореја. Односите на Токио со Сеул се влошија значајно откако судовите во Јужна Кореја почнаа да носат одлуки со кои бараат одредени јапонски комании да им плаќаат оштета на јужнокорејските работници што од 1910 до 1945 година морале да работат присилно, додека траела јапонската експанзија на тие територии,иако со билатерален спор договор од 1965 година тој спор се сметаше за решен. Спорот го загрозува дури и меѓусебниот договор со кој Јапонија и Јужна Кореја треба да разменуваат разузнувачки информации околу активностите на Северна Кореја, што и од едната и од другата земја се смета за најголема закана во регионот. И, тука се случи балкански политички фолклор.
Поради внатрешнополитичките потреби на политичката гарнитура во Сеул, која се подготвува за избори а, според оценките во весникот „Јапан тајмс“, нема зад себе големи постигнувања, Сеул започна бојкот на јапонските производи кој им наштетува на компаниите и во двете земји. На удар се главно јапонските пива па во продавниците осамнаа натписи на кои пишува „овде не се продаваат јапонски пива“. Главен таргет сепак е најпознатиот јапонски бренд за облека УНИКЛО. Неговите производи исчезнуваат од рафтовите во Јужна Кореја , а за да ја покаже апсурдноста на бојкотот компанијата поделила бесплатно 150.000 парчиња долна облека на Јужнокорејците. Од друга компанија за спортска облека пак информирале дека нивниот профит годинава заради бојкотот ќе биде намален за 82,3 отсто. Сепак, големи штети трпат и јужнокорејските туристички агенции и авиокомпании, кои планираат да затворат половина од своите преставништва во Јапонија.Како одговор, пак, Токио воведе построги контроли на извозот на некои материјали што се клучни за производителите во Северна Кореја. Згора на се, двете земји со децении се спорат околу сопственост на осровот Такешима иако сувереноста над него Токио ја доби со договорот од Сан Франциско по Втората Светска војна. Обидот спорот да се реши преку Хашкиот суд, како што предложила Јапонија, пропаднал бидејќи го одбил Сеул.
Јапонија има територијален спор и со Кина околу островот Сенкаку, што ескалирал откако биле откриени наоѓалишта на нафта во тој регион. Токио се обидува со децении да го реши спорот повикувајќи се на документите на ОН и поствоените договори, барајќи да се почитува меѓународното право. Во тек се и преговори со Русија околу Курилските острови, што во Токио се нарекуваат Северни територии, со цел да им се обезбеди на поранешните жители таму да можат да ги посетуваат гробовите на своите роднини.
За да се сфати тежината на овие спорови, треба да се споменат некои бројки. Така, од 2008 до 2017 година Кина го дуплираше буџетот за воена одбрана (од 108 на 228 милијарди долари), додека во Јапонија останал речиси ист. Наспроти Јапонија, која има одбранбени сили од 140.000 војници , 400 воени авиони и 135 воени бродови, Кина има армија од речиси милијарда војници (980.000), 750 воени бродови и над 2.800 воени авиони. Шампион е Северна Кореја со милион и 100.000 војници, 550 воени авиони и 780 бродови, додека Јужна Кореја има „скромни“ 490.000 војници, 640 воени авиони и 240 воени бродови. Од овој аспект Русија не е ни голема воена сила, бидејќи има армија од 80.000 војници, 400 воени авиони и 260 бродови. Дури и Тајван, што е минијатурен по територија, не заостанува од регионалниот тренд на вооружување до заби. Во Токио,сепак, ја доживуваат како наголема закана Северна Кореја, но забележуваат дека Кина забрзано гради потенцијал за воени операции во подалечни води и дека се повидливи воени активности има и од страна на Русија.Место да им парира со воена сила, Токио преферира политика на соработка и давање помош, така што во моментов е петти најфголем донатор во светот и само во Индо-пацифичкиот регион дал 320 милијарди долари за периодот од 1960 до 2016 година. Помага инфраструктурно, експертски, со споделување на знаењата за превенција на несреќи, со еколошки проекти, со стипендии и слично, поттикнувајќи меѓусебни контакти и мировни иницијативи притоа нарекувајќи ја својата политика „проактивен придонес за мир“. Дури и во вакво опкружување во Токио веруваат дека е можна соработка, посочувајќи дека во регионот немало воен конфликт изминатите 50 години, туку има само тензии.
Податоците пак покажуваат дека , наспроти тензиите меѓу државите, контактите меѓу граѓаните се се поинтензивни. Над 8 милиони Кинези лани ја посетиле Јапонија, или како што пресметале тука по 20.000 на ден. Кина е најголем трговски партнер на Јапонија, а Јапонија четврти најголем инвеститор во Кина, додека трговијата меѓу нив пораснала дури 250 пати за 45 години. Само летови неделно меѓу двете земји има над илјада. Интересно е притоа како Азијците гледаат едни на други и како се следат во трендовите. Јапонците важат за самодисциплинирани и скромни, кои ставаат акцент на образованието и тоа пред се на математиката, технологијата и слични науки. Јужнокорејците се трендсетери, „палат и гасат“ со музичките хитови во регионот, многу се популарни меѓу младите во Јапонија, но тука забележуваат дека се премногу опседнати со имиџ, па Корејките масовно прват пластични операции на лицето. Кинезите пак се истакнуваат по страста за шопинг и за патување. Но, омилена јапонска дестинација на сите околу им е Кјото, каде што нововенчани или тие пред венчавка го следат сонот на гејшата од филмот „Мемоарите на една гејша“, каде што масовно одат на фотосесија облечени во кимона.
Слободанка Јовановска од Токио