Јапонија одобри двојно зголемување на воениот буџет до 2027 година


Јапонската влада денеска одобри радикална ревизија на одбранбената доктрина, која предвидува двојно зголемување на воениот буџет од околу еден на два отсто од БДП до 2027 година.

Тоа е најголемата ревизија на одбранбената политика на Јапонија во последните неколку децении, која предвидува и обединување на нејзината воена команда и зголемување на досегот на нејзините ракети.

Мерките се преземени во обид Јапонија да се спротивстави на воената моќ на Кина, за која Токио вели дека е „стратешки предизвик без преседан“ за нејзината безбедност.

Иако јавното мислење во Јапонија ги поддржува промените, тоа е голем пресврт за земјата чиј пацифистички Устав, усвоен ден по поразот на крајот на Втората светска војна, во принцип ѝ забранува на земјата да има вистинска армија.

Меѓутоа, за креаторите на доктрината во Токио овој преглед повеќе ја претставува последната фаза во бавната и постепена нормализација на позицијата на Јапонија за прашањето на одбраната и националната безбедност, оцени Џејмс Брејди, потпретседател на Институтот Тенео.