Јапонија го реновираше Здравствениот дом во Кратово за помалку од 50.000 евра


Амбасадорот на Јапонија, Савада Хиронори, присуствуваше на церемонијата за комплетирање на GGP-проект во Јавната Здравствена Установа (ЈЗУ) Здравствен дом Кратово. 

Со овој проект, Јапонија изврши реновирање на ЈЗУ Здравствен дом Кратово преку замена на врати и прозорци, во вкупен износ од 46.333 евра.

„Здравствениот дом доби нов надворешен изглед со заменети прозорци и врати и значително подобрена термодинамика на објектот”, вели директорот Бојковски.

„Драго ми е дека по реновирањето на Здравствен Дом Кратово, бројот на пациенти коишто добиваат здравствени услуги тука, се зголемил за 40% во последните две години”, вели амбасадорот Савада.

Во текот на посетата, амбасадорот Савада имаше кратка средба со Градоначалникот на Општина Кратово, Николовски, и в.д. Директорот на ЈЗУ Здравствен дом Кратово, Бојковски. За време на средбата тие разговараа за можностите за идна соработка.
​
Преку GGP, досега, Јапонија финансираше над 60 проекти во здравствениот сектор во вкупна вредност од повеќе од 3 милиони евра конкретно во медицинска опрема, реновирање на клиники и возила за брза помош. Дополнително, Јапонија во последните две години ги опремува јавните здравствени установи со медицинска опрема во вредност од 813.000 евра како итна помош за Ковид-19, дел од Програмата за економски и социјален развој и дополнителна нефинансиска помош понудена во лекови за 100 пациенти со Ковид-19.
​
Преку проектите од програмата за мали грантови (GGP), Јапонија има финансирано реновирање и набавка на опрема за повеќе од 73 училишта и градинки, 64 здравствени установи и обезбеди 34 специјализирано возило за управување со отпад и комунални услуги за 51 општинa.