Јапонија е победник во трговскиот договор со САД?

Автомобилската индустрија на САД многу незадоволна од трговскиот договор поради големиот увоз на јапонски автомобили


Доналд Трамп и јапонскиот премиер Шигеру Ишиба

 

САД и Јапонија постигнаа историски трговски договор со кој се наметнува царина од 15 проценти за јапонските стоки увезени во САД. Иако новата царинска стапка е пониска од претходната закана на претседателот Доналд Трамп за царина од 25 проценти, таа е сепак повисока од привремените 10 проценти што беа во сила за време на преговорите, што јасно ја покажува решеноста на Белата куќа да води сè поагресивна трговска политика. Во меѓувреме, десетици земји низ целиот свет се соочуваат со ултиматум: мора да постигнат договор со САД до 1 август или ризикуваат дополнителни царински удари.

„Тукушто склучивме огромен договор со Јапонија, можеби најголемиот договор досега“, објави Трамп на платформата Truth Social. „Јапонија ќе ја отвори својата земја за трговија, вклучувајќи автомобили, камиони, ориз и одредени земјоделски производи. Јапонија ќе им плаќа царини од 15 проценти на САД“, рече тој.

Јапонскиот премиер Шигеру Ишиба изјави дека царините за автомобили ќе бидат намалени од 25 на 15 проценти, без никакви квоти за бројот на увезени возила. Оваа информација ја потврди неименуван американски функционер за „Фајненшл тајмс“, додавајќи дека намалувањето важи и за автоделови.

Од друга страна, главниот преговарач на Јапонија, Рјосеи Аказава, нагласи дека договорот не вклучува царини за челик и алуминиум од 50 проценти, како и обврски поврзани со трошоците за одбрана.

Договорот меѓу САД и Јапонија беше пречекан со ентузијазам во Токио, а американската автомобилска индустрија изрази силно незадоволство. Според Мет Блант, претседател на Американскиот совет за автомобилска политика, новиот договор ги става американските производители во неповолна положба: „Договорот овозможува пониски царини за јапонски автомобили речиси без американски делови, додека одржува повисоки царини за северноамериканските возила, иако тие се многу повеќе произведени дома“, рече тој, според „Фајненшел тајмс“.

Загриженоста на американскиот сектор е уште поразбирлива кога ќе се земе предвид важноста на автомобилската индустрија за јапонската економија. Автомобилите го сочинуваат најголемиот дел од извозот на Јапонија во САД, и токму овој сектор е одговорен за доминантниот дел од трговскиот суфицит на Јапонија со Америка, кој изнесува околу 63 милијарди долари годишно.

Откако беше објавен договорот, јапонските берзи реагираа еуфорично – акциите на „Тојота“ скокнаа за повеќе од 14, на „Хонда“ за 11, додека „Субару“ и „Мазда“ забележаа раст од 16 и 17 проценти, соодветно. Акциониот индекс Топикс порасна за импресивни 3,2 проценти.

Трамп јавно го нагласуваше својот „одличен однос“ со Јапонија, но новиот трговски договор всушност доаѓа во време кога односите меѓу двете земји се напнати; првенствено поради зголемениот американски притисок врз Токио да ги зголеми трошоците за одбрана.

За време на објавувањето на договорот, Трамп изненади со изјавата дека Јапонија, „по негова команда“, ќе инвестира 550 милијарди долари во американската економија, при што дури 90 проценти од профитот ќе оди во Соединетите Држави. Сепак, тој не прецизираше кој точно ќе биде инвеститорот или кога ќе се остварат инвестициите.

Јапонскиот преговарач Рјосеи Аказава се обиде да го направи објавувањето малку поконкретно, наведувајќи дека јапонската влада ќе гарантира инвестиции во стратешки сектори како што се полупроводници, челик, бродоградба, авијација, енергетика и вештачка интелигенција. Сепак, овие најави останаа во рамките на општите политички ветувања.

Вреди да се напомене дека договорот меѓу САД и Јапонија доаѓа само неколку дена откако Либерално-демократската партија на премиерот Ишиба го загуби мнозинството во горниот дом на парламентот.