Јапонија донираше санитетско возило за Здравствениот дом во Свети Николе


​

Амбасадорот на Јапонија, Савада Хиронори, денеска официјално ја промовираше донацијата од неговата држава – ново сантитетско возило „нисан“ за Здравствениот дом во Свети Николе. На церемонијата присуствуваа  градоначалникот на Свети Николе, Дејан Владев, и директорката на Здравствениот дом, д-р Славица Панева. Цената на санитетското возило е 54.633 евра.

​„Во текот на изминатата година со новото санитетско возило се направени транспорти на 273 пациенти во животозагрозувачка состојба најчесто до клиниките во Скопје, Штип и Велес и поминати се околу 7.500 километри“ рече Панева.
​
„Драго ми е дека во период од една година, со оваа донација беше овозможен транспорт за половина од вкупниот број на пациенти во животозагрозувачка состојба, во Здравствениот дом Свети Николе. Јапонскиот народ е среќен и горд што му помага на македонскиот народ да има подобри здравствени услови“, нагласи амбасадорот Савада.
​
Преку програмата за мали грантови ГГП Јапонија финансираше над 60 проекти во здравствениот сектор во земјава во вкупна вредност од повеќе од 3 милиони евра  во медицинска опрема, реновирање на клиники и возила за брза помош. Дополнително, Јапонија во последните две години ги опремува јавните здравствени установи со медицинска опрема во вредност од 813.000 евра како итна помош за Ковид-19.
​
Со ГГП Јапонија има финансирано реновирање и набавка на опрема за повеќе од 73 училишта и градинки, 64 здравствени установи и обезбеди 34 специјализирано возило за управување со отпад и комунални услуги за 51 општинa.