Јапонија донираше дигитален ренген апарат во Општата болница во Гевгелија


 Амбасадорот на Јапонија, Хиронори Савада, го потпиша десеттиот договор во 2021 година, во рамките на јапонската GGP-програма за мали грантови за основни човекови потреби и безбедност на граѓаните во Република Северна Македонија. Овој десетти договор за грант за „ Проект за подобрување на медицинските услуги преку набавка на рентген апарат за ЈЗУ Општа болница со проширена дејност Гевгелија“, е во вредност од 60.698 евра.

Преку овој проект се обезбедени средства за набавка на нов дигитален рентген апарат. Проектот има за цел да се обезбеди висококвалитетна здравствена нега за сите граѓани на Гевгелија и регионот, кои ги користат медицинските услуги во Општа болница Гевгелија.

Преку проектите од програмата за мали грантови (GGP), Јапонија има финансирано реновирање и набавка на опрема за повеќе од 70 училишта и градинки, 47 здравствени установи и обезбеди 31 специјализирано возило за управување со отпад и комунални услуги за 49 општини во сите 8 региони во државата.

Јапонија ја поддржува Северна Македонија во повеќе сектори и тоа инфраструктурен развој, подобрување на здравствена нега, образование, животна средина, култура, спречување на природни катастрофи, справување со бегалската криза. Доделена е и итна помош, во вкупен износ од повеќе од 422.3 милиони евра, како и дополнителна нефинансиска поддршка.