Јапонија добива нешто што никогаш досега го немала – казино


Јапонија денеска го одобри планот за изградба на првото казино во земјата во Осака, на западот од земјата.

Ова го отвори патот за изградба на одморалиште во вредност од 1,8 трилиони јени (13,5 милијарди долари), кое треба да биде отворено во 2029 година, со цел да се привлечат домашни и меѓународни посетители.

Џиновскиот комплекс во Џумешима ќе се состои од хотел, конференциски центар, трговски центар, музеј и терминал за траекти, а на гостите ќе им биде достапна и хеликоптерска платформа, објави Ројтерс.

Казината претходно беа нелегални во Јапонија, како и секое коцкање, но Законот за интегрирано одморалиште (IR) од 2018 година направи исклучок за казино игрите како покер или бакара во официјално одобрени установи кои имаат за цел да привлечат туристи.

Јапонија се смета за одличен пазар за операторите на казина поради богатото население и богатите азиски коцкари од околните земји, иако анкетите покажаа дека многу граѓани се загрижени дека тоа ќе го зголеми бројот на зависници од коцкање и ќе го зголеми криминалот.

Американскиот оператор на казино MGM Resorts International и локалниот партнер Orik Corp го водат проектот Осака IR, при што секој поседува 40 отсто од акциите во компанијата што беше основана да управува со комплексот. Други 20 компании ги поседуваат преостанатите 20 проценти, според документот на локалната самоуправа, во кој се наведува дека MUFG Bank и Sumitomo Micui Banking Corp обезбедиле 550 милијарди јени за финансирање за одморалиштето.

Јапонскиот премиер Фумио Кишида рече дека проектот ќе придонесе за економски раст на регионот Кансаи во близина на Осака.

Одморалиштето планира да генерира годишен приход од 520 милијарди јени, главно од коцкање, а се очекува да привлече шест милиони странски и 14 милиони домашни посетители, се вели во проектниот документ.