Јанушев: Заев да се откаже од урамниловката на платите на функционерите и работниците


Игор Јанушев од ВМРО-ДПМНЕ побара Владата да се откаже од “урамниловката што ја предлага Зоран Заев“, односно од изедначувањето на платите на функционерите и на работниците. Како што е познато СДСМ предложи и функционерите и вработените во јавната администрација да добијат само минимални плати за април и за мај, за да се солидаризираат со тие во приватниот сектор кои сериозно се погодени од кризата.

-Погрешно е неспособноста на Владата да се прекрши врз грбот на работниците.Урамниловката на платите на функционерите со тие на работниците  е сериозен удар за работниците. Заев осудува на глад многу семејства, порача Јанушев избегнувајќи да го употреби зборот јавна администрација.

Според него потрошувачката кошничка за март изнесувала околу 32.000, а минималната плата е 14.500 денари.

ВМРО-ДПМНЕ покрај тоа побара Владата да плати половина од платите и придонесите на сите работници погодени од кризата а функционерите, директорите и чкеновите на управни и надзорни одбори да се откажат од платите и хонорарите и да работат без пари. Побараа и да се откажат од сите, според нив привилегии, како патувања и службени автомобили  со што, според нив, ќе се заштедат  2,5 милиони евра месечно, во ситуација кога оваа партија преку техничкиот заменик министер потпиша задолжување од над 600 милиони евра.