Јанушев во Македонска Каменица: СДСМ се обидува сите да нѐ повлече во слепа улица


Носителот на листа на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ во Изборната единица 3, Игор Јанушев, денеска ја посети Македонска Каменица, од каде што порача дека со победа на неговата партија „ќе дојде обновата на Република Македонија“, а со тоа ќе дојдат многу мерки и проекти кои ќе го подобрат животот на граѓаните.

„Денеска сме во посета на Македонска Каменица заедно со кандидатот за пратеник Даниела Христова. Планираме да го посетиме пазарот, да поразговараме со граѓаните на Македонска Каменица, ќе имаме и неколку состаноци со целни групи. Она што го добиваме како порака впрочем и од цела Република Македонија е дека поддршката е на страна на ВМРО-ДПМНЕ, поддршката е на страна на обновата, поддршката е на страна на Република Македонија. Она што е интересно и што го забележувам имавме изминативе денови еден интересен настан каде што СДСМ предводени од Заев организираа еден митинг би го нарекол на една слепа улица каде што се наоѓа провалијата. И тие се обидуваат сите нас да нѐ повлечат во таа слепа улица и во таа провалија. Но, она што македонскиот трудољубив народ има да го порача е дека тие сами можат да останат во слепата улица, и сами да го продолжат патот кон провалијата, ние сите заедно, сплотени и здружени се движиме кон обнова на Македонија“, истакна Јанушев.

Тој додаде дека СДСМ „во очај и немоќ стануваат свесни дека губат и паѓаат“, а во недостиг на проекти и она што не направиле за државата во овие три години од како се на власт, се бранат со закани.