Јанушев: ВМРО-ДПМНЕ влегува во трка за составување на нова влада


ВМРО-ДПМНЕ влегува во борба за формирање парламентарно мнозинство за формирање нова влада, изјави пред малку генералниот секретар на партијата Игор Јанушев.

Тој рече дека според резултатите што ги имаат неговата партија води во повеќето градови и населени места, но дека поради Донтовиот модел, сепак ќе почекаат до утре наутро.

„Во моментов трката е неизвесна, да ги почекаме финалните резултати“, рече Јанушев.

Во моментот кога Јанушев ја заврши прес-конференцијата во ДИК објавија дека со пребројаните 93,96 проценти од избирачките места СДСМ водеше со 1,5 процент разлика (36,13 наспроти 34,65 отсто), а пресметките велат дека социјалдемократите ќе освојат барем два пратеника повеќе.

На претходната прес-конференција Јанушев изјави дека ВМРО-ДПМНЕ води со седум-осум мандати, но потоа од партијата брифираа дека резултатите постојано се менуваат. „Факт е дека народот сака обнова“, изјави Јанушев, а на забелешката дека СДСМ прогласи победа, тој рече дека „СДСМ и другпат прогласуваше победа, дури и кога губеше“.

Инаку, помеѓу двете прес-конференции на Јанушев, имаше мала провокација од зградата спроти седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, каде што е општинската организација на СДСМ- Центар, од каде со факели на прозорците  ја прославија победата во оваа скопска општина, извикувајќи „Победа, победа“.