Јанушев: Власта е детронизирана, ВМРО-ДПМНЕ се враќа на голема врата


 

Шефот на изборниот штаб на кандидатот за претседател Гордана Силјановска-Давкова и генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев, рече дека денес народот победил и сѐ освен победа на професорката Силјановска фрла сомнеж на изборот.

„Власта не беше на ниво. Забележани се нерегуларноти. Овие нерагуларности се од паника и од страв. Привилегии кои народот им ги одзема. Нашите сомнежи се дека има групно гласање и поткуп.
Во Тризла во Прилеп се случи организирано гласање, каде луѓе од СДСМ носеа луѓе на гласање под закана и уцени“, рече Јанушев на првата прес-конференција по завршувањето на вториот изборен круг од претседателските избори.

Тој посочи дека имало закани за апсење на луѓе кои ги одбивале наредбите од власта.

„Се знаат и регистарските броеви на автомобилите со кои се носеа луѓе“, додаде Јанушев.

Во Шуто Оризари имало такси-компанија блиска до власта која била на располагање на гласачите, обвини Јанушев, а слични нерегуларности забележани се и во Штип, Куманово и многу други општини.

„Денес народот победи. Првичните резултати пристигаат и очекуваме одлични резултати за ВМРО-ДПМНЕ.
Сето ова е резултарт на волјата на народот. Се освен победа на професорката Силјановска ќе фрли темна дамка. ВМРО-ДПМНЕ се враќа на голема врата. Падот на Заев почна и ќе заврши брзо“, рече Јанушев.

„Народот се дигна против власта на Заев потврдена е новата реалност, народот бара промени. Тргна падот на Заев и неговата власт, а народот победува. Новата реалност значи Заев ја губи поддршката, а бројот по општини каде оваа власт е детронизирана повторно ќе биде огромна. Реалноста значи дека народот правда, бара слобода, бара стандард, принципи и вредности“, рече Јанушев, но напомена дека резултатите се уште пристигнуваат и оти наскоро ќе излезат со конкретни бројки.