Јанушев: Сите видовме колку се плитки и Заев и советниците


„Одговорност од Зоран Заев мора да има. Одговорност мора да има и од десетиците неспособни министри и советници со кои се има опкружено затоа што Заев го урива угледот и позициите на Република Македонија, а не на неговите семејни фирми“, истакна Игор Јанушев, генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ.

Според него, оправдувањето за скандалозното изнесување на државни тајни, информации од средби на високо ниво и прифаќањето да се исплати поткуп на вселенскиот патријарх покажува колку е всушност неспособен, криминоген и плиток и Заев и тимот околу него.

„Доколку Заев бил цел на служби кои работат против западните вредности и НАТО, неговото однесување покажува дека тој и владата немаат капацитет да бидат рамноправни партнери во Алијансата и во телата и сојузите кон кои се стреми Република Македонија. Замислете само што би се случило кога некои двајца вешти припадници на некоја терористичка организација би му се обратиле на Заев и би се претставиле како на пример политички аташеа. Заев и неговите советници со капацитетот кои што го немаат би ги издале и позициите и задачите на македонските војници кои учествуваат во мировните мисии како дел од глобалната Алијанса“, рече Јанушев и го повика премиерот да даде оставка и да се организираат предвремени избори.