Јанушев од Кратово повика граѓаните со пенкало в рака да го поразеле СДСМ


Носителот на ИЕ3 на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев, го искористи повикот на социјалдемократите пред четири години за „пенкало в рака“ за да повика на пораз на СДСМ. Тој во Кратово ги повика граѓаните масовно да излезат со „референдумска излезност и со пенкало во рака на 15 јули да ги поразат СДСМ и Заев и тоа ‘можеме’ никогаш повеќе да не се чуе“.

СДСМ не сака да се донесе законот за потекло на имотот на политичарите. Но, ВМРО-ДПМНЕ ветува дека една од првите работи, по формирањето на новата влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ, ќе биде донесување на еден токму таков закон, им рече Јанушев на кратовчани.

„Да видиме дали Заев навистина има 70 илјади евра колку што пријавил, дали се 8 и пол милиони евра како што го слушнавме дека кажува или можеби се многу повеќе. Тоа го имаме во програмата и секој еден ќе треба да докаже како го стекнал својот имот“, рече Јанушев. Според Јанушев, СДСМ бил веќе испеана песна.