Јанушев негативен, Мрѓа во изолација, се чека реакција на партискиот врв на СДСМ

Од СДСМ нема информација дали партискиот врв на СДСМ ќе се тестира или ќе оди во самоизолација, откако Мухамед Зекири објави дека е позитивен на корона вирусот. Од оние што јавно беа видени со Зекири, во рамките на дебатата на ТВ 24, генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев објави дека се тестирал и испаднал негативен, а водителката Душица Мрѓа најави дека ќе остане во 14-дневна изолација. Јанушев му посака брзо оздравување на Зекири, но некажа дали сепак ќе остане дома, додека не истечат задолжителните две недели, со тест или не.

Шефот на пи-ар тимот на Владата, Марјан Забрчанец, преку Фејсбук јави дека и тој ќе оди во самоизолација иако нема симптоми и ги почитувал сите мерки за заштита.

-После веста дека другарот Мухамед Зекири има позитивен Ковид-19 тест, на препорака на епидемиолозите од денес сум во домашна самоизолација. Со Зекири бев на состанок одржан во четвртокот попладне, на 1.5 м растојание, со заштитна маска и со соодветна дезинфекција пред и после состанокот. Секако, заради избегнување и најмал ризик, ќе ја спроведам препорачаната самоизолација. Немам никакви симптоми, а ќе се тестирам во текот на неделата.На Мухамед и семејството им посакувам брзо оздравување.Сите да ги почитуваме доследно мерките и препораките на епидемилозите и на тој начин да се заштитиме самите себе и сите околу нас, напиша Забрчанец.

Засега лидерот на СДСМ Зоран Заев се исклучи од потребата да се тестира бидејќи со Зекири не се видел десетина дена. Од СДСМ исто така постојано уверуваат дека од  почетокот на глобалната пандемија во седиштето на СДСМ се преземаат сите мерки  пропишани од здравствените и надлежните институции.