Јанушев: Кампањата нема да биде демократска, но нашата победа ќе биде со двоцифрена разлика


Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев, не очекува  фер, транспарентна и демократска кампања, иако таа само што почна.

-Не го очекуваме тоа затоа што СДСМ и Зоран Заев се нервозни, бидејќи знаат дека губат. Токму таа нервоза пред кампањата ја направи нефер и недемократска. Нема друга земја во Европа каде власта ја започнува кампањата со бомба фрлена на имотот на потпретседателот на најголемата партија. Нема друга европска земја каде власта со законски декрет сака да ја збрише опозицијата од медиумите преку преполовување на минутите кои законски и следуваат, нема друга држава каде власта дели пакети поткуп, нема друга европска земја каде секој ден е нов скандал. Ова го прават не затоа што се силни туку затоа што се слаби и уплашени од пораз. Затоа, Заев, ќе паднеш. И не ги повлекувај луѓето со тебе. ВМРО-ДПМНЕ ќе победи, а така ќе победи и Македонија, рече Јанушев.

Според него, на  овие избори ќе имаат двојна задача – да ја поразат корона заразата и да го ат вирусот на криминал и корупција, што според него е актуелната власт.

-Ние ја претставивме нашата програма и мерки кои се дел од проектот „Обнова“ со кој е обврзуваме на подобар живот. Ја имаме најдобрата програма во однос на власта која нема ништо освен лаги и манипулации. Очекуваме убедлива победа со двоцифрена разлика во бројот на пратеници во однос на СДСМ, рече Јанушев оптимистички.

Тој додаде дека на овие избори многу е важно да се гласа и дека само гласот значи став за промени кон подобро.

-Ако не гласате ќе наградите се што досега видовме, а видовме убијци кои се пуштаат на слобода, рекетари кои поминуваат неказнето, директори со мито во рацете, искривена кичма, и сменет идентитет, туѓи платформи и лични интереси. Затоа ние настапуваме со слоганот „Исправи се Македонијо! Одбери обнова“! Само така заедно ќе донесеме успеси, правда и повеќе пари за секого. Само така ќе си ја вратиме државата во рацете на народот и само така ќе покажеме дека Македонија е посилна од сите нив, рече Јанушев.