Јанушев го оспори легитимитетот на осум пратеници


Игор Јанушев од ВМРО-ДПМНЕ уште на почетокот на седницата на новата влада предизвика расправија во Собранието изјавувајќи дека во моментот во салата има осум пратеници кои немаат легитимитет и на кои на легален начин не им се верификуваше мандатот. Тој за својот став се повика на членот 17 во Деловникот, во кој стои дека изборот на овие пратеници се врши на првата седница по коститутивната на предлог на Комисијата за деловнички и мандатно имунитетни прашања.

„Освен што сте криминалци и, рекетари, сега покажавте дека сте и неписмени“, рече Јанушев, што беше дочекано со довикувања од салата.

Спикерот Талат Џафери рече дека факт е дека така пишува во член 17 од Деловникот, но толкувањето на деловникот е исклучива надлежност на претседателот на Собранието и тој може да побара помош и мислење, ако му треба, од Комисијата за деловничко-мандатни и имунитетни прашања. Според него, никаде не пишува во Деловникот кога завршува мандатот на Верификациската комисија.

„За многу непрецизности во деловникот ќе претстои работа во Собранието. Мојата дилема е дали Собранието да го оставам да не функционира или да продолжам“, рече Џафери.

Гордана Силјановска-Давкова од ВМРО-ДПМНЕ прво му порача на Џафери дека треба прв да дојде во Собрание а не да доцни 20 минути и да не коментира по пратениците. Освен за доцнењето таа го искара и за брзањето, бидејќи според нејзина оценка потребни им се на пратениците барем десет дена да ја разгледаат програмата.

Џафери реплицираше дека дошол денес на 8,45 во Собранието, додека во однос на доцнењето на седницата и порача дека не е „командант“ на пратениците за да им кажува да се соберат на време.

Во пратеничките групи има координатори кои треба да водат сметка да почнеме на време, ѝ порача Џафери. (С.Ј.)